• вторник, 24 декември 2024

Партијата Достоинство изработи Предлог-закон за измена и дополнување на Законот за бранители

Партијата Достоинство изработи Предлог-закон за измена и дополнување на Законот за бранители
Скопје, 4 јуни 2022 (МИА) - Политичката партија Достоинство изработи Предлог-закон за измена и дополнување на Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили на РМ и на членовите на нивните семејства, односно на Законот за бранители. Со предлог-измената, како што информираше на денешната прес-конференција претседателот на Достоинство, Стојанче Анегелов, ќе побараат дополнување во глава 4 на членот 12 каде што е предвидено право на еднократен паричен надомест. - Предлогот којшто ние го нудиме е еден милион денари по член на семејство на загинат бранител од 2001 година, кој е необештетен или вкупно по околу 50 илјади евра. Воедно, нудиме една формула за обештетување на воените инвалиди по 50 илјади евра за сто процентен воен инвалид и сразмерно на тоа, 5 илјади евра за 10 процентен воен инвалид. Да напоменам дека сите тешки воени инвалиди се обештетени, имаме само 30 полесно ранети воени инвалиди кои се надевам дека најпосле праведно ќе бидат обештетени, рече Ангелов. Тој информираше дека во државата има околу 15-тина семејства на загинати бранители кои досега се необештетени. Останатите семејства на бранители се обештетени, некои од нив со склучување на спогодби со Министерството за одбрана, други со судска пресуда. Како што рече, има околу 30 воени инвалиди кои до ден денес се необештетени. - Со оваа измена и дополнување на Законот ќе се обидеме да ја исправиме неправдата која до ден денес ја трпат дел од семејствата на загинатите бранители и дел од воените инвалиди, ранети или повредени во 2001 година. Ги повикуваме сите семејства на загинатите бранители од 2001 година и потоа да се јават до Достоинство, за да ги ажурираме податоците и сите да бидат опфатени во измената која се надеваме дека оваа недела ќе влезе во собраниска процедура, додаде Ангелов. Во врска со оваа иницијатива за измени и дополнување на Законот за бранители, Ангелов посочи дека пред неколку месеци оствариле средба и со премиерот Димитар Ковачевски кој, како што рече, позитивно гледа на оваа иницијатива и ги упатил во Собраниска процедура кај координаторот на пратеничката група  на СДСМ. Воедно, како што додаде, има позитивна волја и разбирање и од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Оваа недела од Достоинство ќе побараат средба со пратеничките групи и од власта и од опозицијата, вклучително и Левица Ангелов денеска исто така ја поздрави и одлуката на Владата донесена на седница минатата недела, со која се стопира присилното извршување, односно одземање на оштетата на бранителите од 2001 година, која што ја имаат добиено како надомест на нематеријална штета. Владата со одлука го задолжи Министерството за финансии сите оние пари кои што минатите години државата им ги одзела присилно, да им бидат вратени назад. На овој начин, според Ангелов, ќе биде исправена една голема неправда. - Во крвавата 2001 година во одбраната на татковината беа ранети околу 350 бранители, 350 припадници на безбедносните сили на Македонија. Повеќемина беа силно трауматизирани. Околу 70 припадници на безбедносните сили загинаа или починаа подоцна како резултат на здобиените рани или повреди. Дел од овие припадници на безбедносните сили кои беа ранети беа обештетени, дел останаа необештетени до денес. Триесеттина бранители според нашите информации, за жал до ден денес се необештетени, рече Ангелов. Додаде дека од оние кои беа обештетени, во минатата декада против 30 од нив беа покренати тужби да ја вратат оштетата. - Благодарение на притисокот на Достоинство, тогаш Здружение во 2009 година, Владата на ВМРО-ДПМНЕ излезе во пресрет на нашите барања и тужбите против воените инвалиди но и семејствата на загинати беа повлечени. Значајно да напоменам дека апсурдот отиде до таму што дури и неколку семејства на загинатите бранители кои изгореа во заседата кај село Вејце исто така беа тужени да ја вратат земената оштета. За жал, четворите од воените инвалиди кои што настрадаа во 2001 година и потоа, продолжија и понатаму да ја враќаат земената оштета. Овие луѓе се до сега беа принудени преку извршител со камата да ја враќаат земената оштета, додаде Ангелов. Тој се заблагодари на Владата поради покажаната добра волја и грижа за бранителите. Делегацијата на Достоинство денеска положи цвеќе пред споменикот на бранителите во Скопје. бт/дма/  

Остани поврзан