Парламентарна средба со латвиска делегација, потврдена поддршката на евроинтегративниот пат
- Потпретседателот на Собранието и претседател на Комисијата за европски прашања, Антонијо Милошоски и претседателката на Пратеничката група на Собранието за соработка со парламентите на балтичките земји, Моника Зајкова, одржаа средба со латвиска делегација предводена од Ингрида Левренс, заменик-државна секретарка за европски прашања и шефица на Директоратот на ЕУ, информира собраниската прес-служба.
Скопје, 26 септември 2024 (МИА) - Потпретседателот на Собранието и претседател на Комисијата за европски прашања, Антонијо Милошоски и претседателката на Пратеничката група на Собранието за соработка со парламентите на балтичките земји, Моника Зајкова, одржаа средба со латвиска делегација предводена од Ингрида Левренс, заменик-државна секретарка за европски прашања и шефица на Директоратот на ЕУ, информира собраниската прес-служба.
Милошоски се заблагодарил за латвиската поддршка најпрво за зачленувањето во НАТО, како и за влез во Европската Унија.
-Во овој контекст, тој ги запозна гостите со предизвиците со кои се соочува земјава на евроинтегративниот пат, почнувајќи од спорот со Грција и промената на името, преку францускиот предлог и актуелното бугарско вето. Во овој случај стопирањето на процесот на ЕУ зачленување не се базира на копенхашките критериуми, туку на билатерални прашања, кои можат да се решат по примерот на хрватско-словенечкиот спор. Милошоски изрази надеж дека со формирањето на нова бугарска влада, ќе може да се разговара во насока на заедничка корист, а во тој напор побара поддршка од пријателски земји, како што е Латвија, се вели во соопштението од Собранието.
Зајкова ја поздравила заедничката изјава на балтичките земји за евроинтеграција на балканските земји, која, како што рекла, би било добро да се обнови за да се продолжи со поддршката. Како претседателка на Групата за соработка, предложи формирање на таква група и во Латвискиот парламент за да се продлабочат односите. Исто така, од заемен интерес би било приближување на народите преку културата, образованието и младински програми, но и заемни посети на повисоко ниво.
Левренс, пак, ја потврдил латвиската поддршка за проширување на европското семејство со земјите од Западен Балкан. Таа ја нагласила парламентарната соработка како важен елемент во билатералните односи. сст/ац/
Фото: Собрание на РСМ