• недела, 22 декември 2024

Пападопулу: Претседателот и премиерот не се обични граѓани, употребата на уставното име не е лично прашање

Пападопулу: Претседателот и премиерот не се обични граѓани, употребата на уставното име не е лично прашање

Скопје, 13 јуни 2024 (МИА) - Пораката од Грција е иста и секогаш ќе биде иста – тоа е порака на пријателство до граѓаните и до земјата. Ние сме соседи, сојузници во НАТО, се надевам дека ќе бидеме и партнери во ЕУ и оттука сакаме ова пријателство да продолжи и да зајакне. Грција сака да ја продолжи блиската соработка со вашата земја, но има основа за оваа соработка, а тоа е Преспанскиот договор. Строго придржување до сите преземени обврски од меѓународното право, вклучувајќи го и Преспанскиот договор, е основата за оваа соработка. Сакам да се надевам и да очекувам вакво продолжување на соработката со новата влада.

Ова во интервју за „360 степени“ го истакнува заменик-шефицата на грчката дипломатија и поранешна амбасадорка во Скопје Александра Пападопулу, која денеска учествуваше на министерскиот состанок од Процесот за соработка во Југоисточна Европа.

Прашана зошто Атина реагира кога и новата претседателка Гордана Сиљановска-Давкова и мандатарот Христијан Мицкоски изјавија дека го почитуваат Преспанскиот договор и дека немаат намера да го стават под знак прашање, Пападопулу вели дека „зборовите треба да бидат поддржани со дела“. Очекува тие и вербално да го користат уставното име, а за аргументите дека секој има право на самоопределување и слобода на изразување, смета дека функционерите не се обични граѓани, туку ја претставуваат државата.

- Почитување меѓународен договор значи дека постапувате во согласност со тоа што претставува и опфаќа овој меѓународен договор. Пораката е многу јасна – меѓународните договори треба да се почитуваат и сакаме да видиме дела со кои ќе се поддржат таквите изјави. Во спротивно, изјавите се празни зборови. Кога премиерот, претседателот или министерот за надворешни работи, или министерот за одбрана зборуваат во официјален капацитет, тие ја претставуваат државата, а државата има уставно име кое е утврдено и договорено со меѓународен договор заклучен во рамките на резолуции на Советот за безбедност на ОН. Дозволете ми уште еднаш да појаснам – ова име, уставното име на земјата е име за севкупна употреба (ерга омнес) договорено во согласност со меѓународното право и мора да се почитува. Тоа не е лично прашање, изјави Пападопулу.

Во врска со тврдењата дека Северна Македонија исполнила огромен дел од обврските од Преспаниот договор, а Грција не ратификувала ниту три меморандуми, ниту пак ги сменила сообраќајните табли со Скопје и кратенката ФИРОМ, Пападопулу посочува дека како резултат на Преспанскиот договор Северна Македонија стана членка на НАТО и ги почна пристапните преговори со ЕУ.

- Преспанскиот договор беше за стратешката ориентација на вашата земја – НАТО, ЕУ, поврзано со промената на името на земјата во согласност со резолуциите на Советот за безбедност на ОН. Да ставите равенство на овие нешта со сообраќајни табли е дерогативно, не е исто. Искрено, таблите се менуваат во Грција. На многу табли пишува Скопје, а не старото име и на многу табли овде во вашата земја стои Солун или Атина. Кога оттука ќе одите до Грција пишува Солун, тоа е насока кон градот, а не насока кон земјата. Се ќе биде коригирано, тоа не е прашање. Да зборуваме за големите прашања. Преспанскиот договор беше за големите прашања…, вели Пападопулу.

За нератификацијата, пак, на меморандумите во грчкиот парламент,  таа истакнува дека „меморандуми не се дел од Преспанскиот договор, меморандуми имало и порано, ќе има и во иднина и тие ќе бидат ратификувани. И вие, овде, имате заглавени меморандуми, но не велиме дека не го имплементирате Преспанскиот договор поради неколку меморандуми“.

Прашана за потенцијалните последици од ваквата ситуација, грчката заменик минситерка за надворешни работи вели дека не сака да зборува за тоа, и се надева дека нема да дојде до таа точка.

- Сакам да имам надеж дека новата влада на Северна Македонија, кога ќе стапи на должност, ќе сфати, а можеби веќе и сфатила, дека е во интерес на вашата земја, дека е во интерес на сите, да се придржуваме до меѓународните обврски и да напредуваме, изјави Пападопулу.са/ев/

Фото: 360 степени

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан