• понеделник, 23 декември 2024

Пакет мерки до крајот на месецот, се разгледуваат можностите за помош на компаниите од либерализираниот пазар

Пакет мерки до крајот на месецот, се разгледуваат можностите за помош на компаниите од либерализираниот пазар
Скопје, 8 октомври 2022 (МИА) - Владата секојдневно разговара со стопанските комори како да им се помогне на големите компании кои се на либерализираниот пазар. Се подготвува пакет мерки кој би требало да биде финализиран до крајот на овој месец, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски. Според него, намалувањето на ДДВ-то не е клучно во однос на намалувањето на цената на електричната енергија која се зголеми десет пати во споредба со цените пред руско-украинскиот конфликт. Тоа што во моментов е потребно, оцени премиерот, е максимално зголемување на производството на електрична енергија и ставање во функција на сите производствени капацитети. -Се разговара државата да им помогне на големите потрошувачи кои се на либерализираниот пазар. Разговараме за обезбедување поевтина струја од билатерални извори, со Бугарија, Турција, Грција, Србија. Во моментов се подготвува пакет мерки кој би требало да биде финализиран до крајот на овој месец. Ќе се земат предвид карактеристиките на индустриите и врз основа на таква анализа и на буџетските можности, да обезбедиме финансиска поддршка на компаниите кои се на либерализираниот пазар. Тоа во моментов се работи, ќе биде разговарано со стопанските комори. Прво ќе се излезе пред нив, а потоа и пред јавноста, изјави Ковачевски, одговорајќи на новинарски прашања по настанот за потпишување договор за спонзорство меѓу М -ТЕЛ и КК Работнички. Во однос на ДДВ-то, премиерот потсети дека веќе е направено намалување, уште минатата година. -Ако ја погледнеме ефективната стапка, со големиот број даночни олеснувања е околу 11 проценти. Тоа го направивме за да се олесни купувањето за голем број основни производи. Може и во тој дел да се направи анализа, но не сметам дека намалувањето на ДДВ е клучно во однос на намалувањето на цената на електричната енергија која за десет пати се зголеми во однос на цените пред руско-украинскиот конфликт, нагласи Ковачевски. Тој повтори дека државата и досега помогна многу во справувањето со кризата. -Не можеме да кажеме дека државата досега не помогна, напротив. Субвенционирани се 80 отсто од сметките на граѓаните кои се купувачи и вработени во компаниите и 72 000 компании се на регулираниот пазар и плаќаат помали сметки, тогаш државата има многу направено за да не се чувствува ценовниот шок во делот на електричната енергија, рече Ковачевски. мч/лв/

Остани поврзан