• сабота, 23 ноември 2024

Официјално отворање на третиот Галичник филм фестивал

Официјално отворање на третиот Галичник филм фестивал
Скопје, 5 август 2022 (МИА) - Дваесет и три краткометражни филмови од цел свет ќе бидат прикажани на третиот по ред Галичник филм фестивал, кој официјално ќе биде отворен денеска и ќе се одржува до недела, под отворено небо во Галичник. Како што најавија организаторите, во програмата се филмови кои доаѓаат директно од „Cannes Film Festival“, „Oscars“, „Sundance“, IDFA, „Toronto International Film Festival“ и „Locarno Film Festival“. Официјалната селекција со 23 краткометражни филмови ќе бидат сместени во категориите - играни краткометражни филмови, документарни краткометражни филмови и анимирани краткометражни филмови. Како дел фестивалот, по завршувањето на проекциите следи и музичка програма. Како дел од жири комисијата оваа година се актерот Никола Ристановски, режисерката и сценаристка Елеонора Вениновa и режисерот Георги М. Унковски, победник на минатогодишниот Галичник филм фестивал со филмот „Налепница.“ -Третиот Галичник филм фестивал несомнено ќе биде огромен предизвик за изострениот вкус на овие големи уметници имајќи го предвид фактот дека оваа година во игра се неверојатни 23 филмови кои секој на свој начин доаѓаат со својата единственост и уметничка тежина, но и позадина на веќе нанижани признанија ширум светот, соопштија од фестивалот. Како дел од Галичник филм фестивал, од 3-ти до 5-ти август беше одржана „Екс - ЈУ“ работилницата за краткометражни сценарија под водство на Дејан Дуковски, во рамки на истата учество земаа пет проекти: „Дали е тетка Божана, тато?“ – Ева Камчевска и Небојша Јовановиќ – Македонија, „Не е добар ден за паркирање“ - Филип Лафазановски - Македонија „Базен-дупка“ – Ана Вуќичевич – Србија, „Брат и Мајка“ – Александар Вујович – Црна Гора, „Цут“- Тамара Брочич. Фестивалот е поддржан од Агенција за филм на Република Северна Македонија, а го реализираат ДАРМА ФИЛМ и МЗ Галичник. Програмата на Галичник Филм Фестивал е бесплатна.бт/са/

Остани поврзан