• петок, 22 ноември 2024

ОУ „Наум Охридски“ во Булачани по 60 години ќе добие спортска сала

ОУ „Наум Охридски“ во Булачани по 60 години ќе добие спортска сала

Скопје, 8 април 2023 (МИА) - Во Основното училиште „Наум Охридски“ во населбата Булачани во Општина Гази Баба денеска почна изградба на спортска сала, инвестиција на општината од 32 милиони денари. 

-Ме радува фактот што скоро после 60 години од постоење на училиштето првпат почнуваме со изградба на спортска сала во која што учениците од Булачани ќе имаат можност да ги реализираат часовите по физичко и здравствено образование. Инвестирајќи во образованието и во спортот,  инвестираме во нашата иднина. Инвестирајќи во младите, инвестираме во силни и здрави генерации кои ќе бидат иднината на нашата држава, изјави градоначалникот Бобан Стефковски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски рече дека во Булачани почнува нов капитален проект ветен за време на кампањата на Локалните избори. 

-Добро е кога нешто што се ветува и се реализира, затоа што од тоа мора да се направи разлика помеѓу оваа Влада на ДУИ подржана од помалиот коалициски партнер СДСМ и градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ. Кои што и покрај сиот политички терор кој што го трпат од оваа Влада на ДУИ подржана од малцинскиот партнер СДСМ успеваат со една вредна, храбра, чесна, посветена работа да обезбедат средства и да го реализираат ветеното, изјави Мицкоски.

Тој апелираше до Владата да ја  одобри општинската обврзница што планира да ја издаде Општина Гази Баба. Поцедурата, како што рече, ќе заврши наскоро и општината ќе биде подготвена да ја издаде и официјално доколку помине на владина седница. Општината веќе добила позитивно мислење од Министерството за финансии, Македонската берза и од Комисијата за хартии од вредност.лв/аа/

фото ВМРО-ДПМНЕ 

Остани поврзан