• понеделник, 23 декември 2024

Отворена сензорна соба во штипското училиште „Димитар Влахов“

Отворена сензорна соба во штипското училиште „Димитар Влахов“

Штип, 21 септември 2022 (МИА) - Од денеска учениците со и без образовни потешкотии во ООУ Димитар Влахов“ во општина Штип ќе може да работат во сензорната соба опремена со реквизити и стимулативните алатки, водени низ процесот од стручната служба и специјалниот едукатор и рехабилитатор.  Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов вели  со оваа активност се приклучува кон семејството на грантисти на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“.

-Штип од денес може да се пофали со катче со кое го унапредуваме инклузивниот образовен процес во ООУ „Димитар Влахов“ .Оваа сензорна соба има особено значење во спроведувањето на воспитно образовните практики не само за децата со атипичен, туку и типичен развој бидејќи ги поттикнува моторичките, аудитивните, тактилните и визулените вештини. Мотивирани од можностите за развој кај децата, ќе продолжиме со подобрување на инклузивните капацитети и практики во општина Штип која посакувам да стане заедница со еднакви можности за сите нејзини граѓани, вели Јорданов.

Бранка Џајковска од Фондацијата „Чекор по чекор“ која го спроведува проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“истакнува дека на 25 месеци од спроведување на активностите од овој проект, вклучително и оваа 15 – та сензорна соба во ООУ. „Димитар Влахов“,  од општина Штип, во кое има 12 деца со попреченост, од вкупно 957, значајно се придонесуваа, секое дете да добие пристап до квалитетно образование.

-Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ стимулира инклузијата во земјава преку директна поддршка на семејствата, oбука на наставниот кадар, потоа стипендирање на учениците со попреченост, со што тие рамноправно се вклучуваат во редовниот образовен систем. Опремувањето на оваа сенозрна соба ние директно работиме на развој на инклузијата на локално, микро ниво, и се залагаме за создавање на еднаков пристап и можности за сите деца во сите училиштата. Со создавање на пристапни и стимулативни средини за учење, училиштата опфатени со проектот стануваат места со еднакви можности за образование за сите деца, потенцира Џајковска.

Сензорната соба е спроведена како дел од проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ кој е финансиран од Европската Унија, и е пример за целосно вклучување на учениците со попреченост во образовните текови и придонесува кон подобрување на инклузивноста во образовниот процес во Северна Македонија.

Проектот го реализира Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ заедно со своите партнери, Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ и Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хендимак“. Проектот се реализира во соработка со Министерството за образование и наука. вдј/дма/

Остани поврзан