• недела, 22 декември 2024

Осум кандидати на гласачкото ливче за наследник на Џонсон

Осум кандидати на гласачкото ливче за наследник на Џонсон
Лондон, 12 јули 2022 (МИА) - Осум кандидати ќе бидат на гласачкото ливче кога конзервативните пратеници во британскиот парламент во среда ќе почнат да гласаат за избор на наследник на премиерот Борис Џонсон, објави денеска претседателот на Комитетот 1922 Грахам Брејди. Џонсон беше принуден да се повлече откако десетици членови на неговата администрација поднесоа оставки во знак на протест по серијата скандали. Риши Сунак, Лиз Трас, Том Тугендат, Кеми Баденох, Пени Мордоунт, Џереми Хант, Надим Захави и Суела Браверман ги обезбедија 20-те потписи на колеги пратеници потребни за учество во натпреварот. Неколку моменти пред објавата на Комитетот, телото што го надгледува изборот на наследникот на Џонсон, поранешниот министер за здравство Саџид Џавид рече дека се повлекува бидејќи очигледно не успеал да привлече доволно поддршка. Претходно и министерот за транспорт Грант Шапс најави дека се откажува од кандидатурата и дека ќе го поддржи поранешниот министер за финансии Сунак.
Во меѓувреме, министерот за надворешни работи Трас ја доби поддршката од истакнатите лојалисти Борис Џонсон, Џејкоб Рис-Мог, Надин Дорис и Џејмс Клеверли, што се смета за потег кој има за цел да го спречи Сунак да победи.
Сунак и Џавид поднесоа оставки минатата недела во вторникот вечерта и поттикнаа десетици помлади колеги да го следат примерот, принудувајќи го нивниот поранешен шеф да се повлече од позицијата лидер на ториевците 36 часа подоцна.
Џонсон, чиј тригодишен мандат како премиер беше обележан со скандали, излегувањето на земјата од Европската унија и пандемијата на коронавирус, рече дека ќе остане на функцијата додека не се избере неговиот наследник.
Членовите на Конзервативната партија треба да го изберат својот нов лидер пред годишната конференција на конзервативците на почетокот на октомври - 358-те ториевци ќе гласаат во повеќе кругови додека не се изберат двајца кандидати за последниот круг. Името на победникот и новиот британски премиер ќе бидат објавени на 5 септември. паг/
   

Остани поврзан