• понеделник, 23 декември 2024

Остануваат на сила актуелните ковид-мерки, надлежните апелираат на одговорно однесување

Остануваат на сила актуелните ковид-мерки, надлежните апелираат на одговорно однесување
Скопје, 6 август 2022 (МИА) – Северна Македонија е во фаза на широка трансмисија со соодветни капацитети за одговор, а во овие услови Комисијата за заразни болести не препорачува воведување на нови рестриктивни мерки и апелира до граѓаните на соодветно однесување и почитување на актуелните мерки. На вчерашниот состанок на Комисијата беше истакнато дека изминатата недела е забележан благ пораст на бројот на нови случаи – 8,5 проценти што е значително понизок во споредба со претходната недела - 55, 7 отсто и е во согласност со намалувањето на репродукцискиот број (Р0). КЗБ апелира доколку граѓаните кои имаат симптоми или се сомневаат дека се позитивни на коронавирусот да се однесуваат одговорно и да избегнуваат близок контакт со други луѓе и престој во затворени простории без маски. - Останува препораката за сите граѓани, а особено за граѓаните кои спаѓаат во ризични групи за потежок тек на болеста да се придржуваат до сите потврдени епидемиолошки мерки за заштита од инфекција, како често и темелно миење или дезинфицирање на раце, избегнување на гужви и престој во затворени и непроветрени простории и носење на заштитни маски, како и придржување до препораките за вакцинација против Ковид-19, апелира Комисијата. Во текот на вчерашниот ден, согласно податоците од Институтот за јавно здравје направени се  1 570 тестови, а регистрирани се нови 739 случаи на КОВИД-19, од кои 153 се реинфекции. Оздравени се 659 пациенти и пријавено е едно починато лице. Скопје останува град со најголем број активни случаи  - 1 700 , додека во Дојран, Македонска Каменица, Демир Капија, Македонски Брод и Делчево има едноцифрен број на активни случаи, а во Пехчево во моментов нема активни случаи на коронавирусот. Во тек е и вакцинацијата за четврта доза против коронавирусот, којашто може да ја примат лицата над 18-годишна возраст, кои примиле три дози вакцина против Ковид-19. Вакцината е достапна на сите вакцинални пунктови без закажување. Вакцинацијата се спроведува со мРНА вакцина на „Фајзер“ или „Модерна“. Препорачаното растојание меѓу трета и четврта, односно бустер доза е најмалку четири месеци. Актуелни мерки што во моментов се во сила се задолжително носење заштитна маска во здравствените установи, аптеките, во јавниот превоз и во згрижувачките установи. Во дел од регионот, поради лошата епидемиолошка состојба, донесена е одлука за повторно носење маски во затворено. Ваква одлука донесоа Бугарија и Црна Гора. Додека Грција е со намера да не постојат мерки што би биле задолжителни и оти се ќе зависи од ситуацијата наесен, но тие сакаат Ковид-19, иако останува пандемија, да го третираат како ендемично заболување, „каде што нема да има потреба од строги или задолжителни мерки“. Досега во земјата се направени вкупно 2.125.150 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во државата од почетокот на епидемијата изнесува 330.755, бројот на оздравени пациенти е 317.149, на починати е 9.388, а бројот на активни случаи изнесува 4.218. ки/бак/

Остани поврзан