• недела, 22 декември 2024

Османи: Денот на Европа е важен за целата земја, нешто што претставува наша аспирација од осамостојувањето

Османи: Денот на Европа е важен за целата земја, нешто што претставува наша аспирација од осамостојувањето
Скопје, 8 мај 2020 (МИА) - Секретаријатот за европски прашања (СЕП) во пресрет на Денот на Европа, организираше вечерен мини концерт, на кој настапија БРАС квинтетот на Филхармонијата и Градскиот дувачки оркестар. На настанот се обрати заменик претседателот на Владата, задолжен за европски прашања и главен преговарач на земјава за членство во ЕУ Бујар Османи кој рече дека 9 мај е важен ден за целата земја, ден на Европа и Европската Унија, нешто што претставува наша аспирација од самото осамостојување на земјата. - Уште повеќе за нас е овој еден вид на патрон празник, ден на СЕП, ова е наш ден кога нашата администрација, нашите вработени кои посветено работат на европските интеграции денеска ја слават својата работа и упсехот од својата работа. Овие историски моменти и настани за жал ги дочекуваме во време на пандемија, на многу сериозна закана на личното и колективното здравје, криза што предизвикува сериозен економски застој со длабоки социјални реперкусии, криза која длабоко навлезе и во редефинирање на општествените односи на нормалото живеење. Токму затоа оваа година ќе ги ограничиме настаните за одбележување на деновите на Европа, секако придржувајќи се до мерките и препораките за социјална дистанца и ограничено групирање, рече Османи. На настанот се обрати и евроамбасадорот Самуел Жбогар кој истакна дека сè уште е во процес градењето и јакнењето на Европската унија, додавајќи дека солидарноста останува клучниот збор. Солидарноста и донесе на ЕУ 70 години мир и просперитет. Солидарноста го обедини континентот. Солидарноста, исто така, ја изведува Европа од сегашните кризи. Деновиве сум особено горд што сум европеец и што ја претставувам ЕУ во вашата земја. Конечно ќе можеме да го поттикнеме вашето патување кон подобрата иднина во Европската унија. Солидарноста на ЕУ и нејзините земји-членки за вас и регионот за време на кризaтa одговара на сите дилеми што се слушаа со години. Каков е ставот на ЕУ кон регионот. Одговорот е дека сите сме едно семејство. Оваа година одбележуваме и 20 години од Делегацијата на ЕУ во земјава и над 20 години континуирано вложување во секој аспект на вашето општество, рече Жбогар. Хрватската амбасадорка Нивес Тигањ истакна дека посебно се радува што Северна Македонија конечно доби одлука за отворање на пристапните преговори со ЕУ. - Тоа е резултатот на вашата јасна определба за членство во Унијата, вашата истрајност на долгиот пат и вашата посветеност во исполнување на обврските, рече Тигањ, додавајќи дека Хрватска цело време се залагала неправдата што и беше нанесена на земјава да биде исправена. Оваа криза, рече таа, покажа дека мораме заеднички да соработуваме, да бараме заеднички одговори. - Тоа подразбира дека земјите од Југоисточна Европа мора да продолжат по европскиот пат и дека нивното место е токму во ЕУ. По повод вашиот и наш ден изразувам силна поддршка од Хрватска на пријателската Северна Македонија на нејзиниот европски пат кон полноправно членство во ЕУ. мс/скс/

Остани поврзан