• сабота, 16 ноември 2024

Османи: Со или без Мицкоски, уставни измени ќе има

Османи: Со или без Мицкоски, уставни измени ќе има

Скопје, 12 јуни 2023 (МИА) - Министерот за надворешни работи и портпарол на ДУИ, Бујар Османи вечерва во дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21 истакна дека со или без лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, ќе има уставни измени. 

- Јас сум оптимист, уставни измени мора да има, со или без Мицкоски. Нема да ја пропуштиме оваа историска шанса, за напредок на државата. Мицкоски се покажа како политичар од трета или четврта лига. Неискусен. Праќа лоша порака до партнерите во ЕУ. Неговата порака е дека ние ќе ги третираме Бугарите во Македонија како рамноправни граѓани кога ќе влеземе во ЕУ. Ова не е добра порака, рече Османи.

Тој посочи дека доколку „лидерот на ВМРО-ДПМНЕ си игра со судбината на граѓаните, ќе бараат друга алтернатива". 

- Ако Мицкоски до крај партискиот интерес го става над судбината на луѓето, тогаш ќе се најде и алтернативно решение. Која е другата алтернатива? Не знам, ќе видиме, но јас мислам дека исто како што тој ден им „пукал“ во партија со неговата изјава дека прифаќа уставни измени, така како што ќе поминуваат деновиве, ќе им „пука“ повеќе и повеќе, за луѓето кои ќе кажат – полека ти прво немаш став за уставните измени, вчера не, денес да, значи немало проблем. Ќе видиме, но мислам дека е влезе во опасна игра, рече Османи. 

За барањето на ВМРО-ДПМНЕ за учество во Влада без ДУИ, вели дека партијата е подготвена и на таков чекор со цел да продолжи евроинтеграцискиот процес. 

- Ние во ДУИ сме оцениле дека вреди да се жртвуваат нашите владини и партиски интереси за да овозможиме ваков историски процес, кој согласно нашите информации, нема да се повтори наредните декади, изјави Османи.  

Сепак, смета дека наредната Влада нема да биде без ДУИ./

Остани поврзан