• четврток, 26 декември 2024

Османи иницирал итно формирање работна група за испитување на постоење евентуална закана за МНР во врска со приведениот дипломат

Османи иницирал итно формирање работна група за испитување на постоење евентуална закана за МНР во врска со приведениот дипломат
Скопје, 5 септември 2021 (МИА) - Министерот за надворешни работи Бујар Османи иницирал итна процедура за формирање работна група која треба да изврши првична итна ревизија на состојбите со сертификатите и документацијата со цел да се утврди дали постои одредена иманентна закана за сигурноста и доверливоста на куќата, особено закана која е поврзана со предметниот случај, со приведениот македонски дипломат.
Ова е еден од чекорите, што тој ги презел во врска со случајот, а за кои информираше преку Фејсбук статус.
Во статусот ги наведува, како што вели, итните мерки што досега ги презел во врска со овој случај.
Како прво, вели Османи, согласно законските можности, на приведениот вработен му е ставен работниот однос во мирување и повлечен е од неговите задолженија во мисијата во ОБСЕ.
Како второ ја наведува итната процедура за формирање на работната група. Како трето наведува дека работната група ќе добие и задолжение да оствари меѓуресорска соработка со правосудните служби и службите за безбедност, со цел да се подготви план за вонреден ветинг на дипломатијата. Оваа работна група, додава Османи, ќе треба да ја оформи и меѓуресорската Комисија која ќе ѝ биде предложена на Владата, која, пак, ќе треба да го спроведе вонредниот ветинг преку процесите на сертификација и дополнителна безбедносна проверка.
-Четврто, ќе побарам од сите раководни позиции, директори и раководители на сензитивни позиции, задолжително да ја поминат процедурата на најстрог ветинг, преку системот на НАТО сертификати. Овој процес планирам да го направам задолжителен и во системот на пополнување амбасадорски места, истакнува министерот за надворешни работи.
Тој изразува загриженост и вознемиреност поради последниот случај со приведувањето на вработениот во МНР во друга земја, поради потерница, која ја побарала трета земја.
-Сакам да изразам крајна загриженост и вознемиреност поради последниот случај со приведувањето во друга земја на еден вработен во Министерството за надворешни работи, поради потерница која ја побарала трета земја. Тоа не само што предизвикува непредвидливост во работата на дипломатијата, туку ја разнишува довербата и авторитетот на куќата, напиша Османи на Фејсбук.
Напоменува дека како земја -ченка на НАТО и како идни претседавачи со ОБСЕ во 2023 година, имаме обврска да воспоставиме непропустлив систем на сертификација и проверка на дипломатскиот кадар со цел да се врати довербата и во институцијата и во државата.
Како што претходно беше објавено станува збор за македонскиот дипломат Миле Миленкоски, заменик-шеф на нашата мисија во ОБСЕ, кој е баран од ерменските власти, а е приведен на 27 август на српската граница, поради распишана меѓународна потерница.
Ерменските медиуми јавија дека на барање на Ерменија, Миленкоски е уапсен, а информацијата ја потврди Гор Абрахамјан, советник на ерменскиот јавниот обвинител во интервју за „Лурер“.
Тој е приведен на 27 август при обидот да ја премине границата во Прешево за да влезе во Северна Македонија, а Абрахамјан за ерменските медиуми изјави дека македонскиот дипломат е уапсен во врска со криминални активности поврзани со ерменскиот патен коридор Север-Југ.
-Македонскиот дипломат помогнал во бегството на ерменски државјанин, кој добил македонски пасош и кој е поврзан со криминалните активности со коридорот Север-Јур, истакна Абрахамјан.
Според ерменските безбедносни сили, како што јавуваат ерменските медиуми, во 2018 година тројца дипломати од Северна Македонија, предводени од Миленкоски, му помогнале на поранешниот ерменски функционер да избега од земјата со приватен лет. 
Ерменските медиуми јавуваат дека ерменскиот државјанин е брат на поранешниот ерменски претседател, Серж Саркисјан и оти тој добил македонски пасош, при што ова го поврзуваат со аферата со 215-те пасоши извадени на странци под лажен идентитет, за која сега се води судски процес во земјава. ац/бак/

Остани поврзан