• вторник, 26 ноември 2024

Османи - Вархеји: Постои замор од постојаното одложување, нужен е исчекор кон пристапните преговори

Османи - Вархеји: Постои замор од постојаното одложување, нужен е исчекор кон пристапните преговори
Скопје, 27 април 2022 (МИА) - Европското досие на државава во пресрет на јунските совети и очекувањата за нужен исчекор во поглед на отпочнувањето на пристапните преговори, особено во дадениот момент, беа во фокусот на разговорите на министерот за надворешни работи Бујар Османи со еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеји, кој денеска престојува во работна посета на Скопје. Како што соопшти МНР, соговорниците се согласија дека новите геополитички околности налагаат потврдување на политиката на проширувањето како геостратешка инвестиција во мир, стабилност, безбедност и економска благосостојба на целиот европски континент. - Северна Македонија досега покажа исклучително ниво на посветеност за напредокот на нејзиниот пат кон Европската Унија. Дополнително, постигнавме 100-процентно ниво на усогласување на државата со заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата. Време е и Европската унија да пружи рака кон државите од Западниот Балкан и јасно да демонстрира дека иднината на регионот е европска. Регионот е сѐ повеќе уморен од чекање, со што страда кредибилитетот на Европската унија, порача Османи. На средбата стана збор и за напорите во надминувањето на разликите меѓу Бугарија и Северна Македонија, како приоритет да се одблокира нашиот пат кон ЕУ, стои во соопштението од МНР. вг/сп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан