• понеделник, 23 декември 2024

Османи - Блинкен: Отвораме ново поглавје на стратешкото партнерство меѓу двете земји

Османи - Блинкен: Отвораме ново поглавје на стратешкото партнерство меѓу двете земји
Скопје, 2 јуни 2022 (МИА) - Министерот за надворешни работи Бујар Османи, во рамки на посетата на Вашингтон, имаше средба со американскиот државен секретар Ентони Блинкен. На средбата е изразено задоволство од одржувањето на Стратешки дијалог меѓу Северна Македонија и САД, што претставува нов исчекор во билатералните односи и надградба на стратешкото партнерство меѓу двете земји, соопшти МНР. - Нам ни претставува посебна чест што Северна Македонија е прва земја од Западен Балкан која одржува стратешки дијалог со САД, значаен процес преку кој се продлабочува нашето стратешко партнерство и поконкретно се врамува нашата билатералната соработка. Ваквиот исчекор во билатералните односи е уште една потврда за силното пријателство и взаемниот интерес за зајакнување на сојузништвото меѓу двете земји, истакна Османи. На средбата стана збор и за актуелните безбедносни состојби, при што беше изразена заедничка осуда на руската воена инвазија, како и силна поддршка и солидарност со Украина. Воедно, беше нагласено дека актуелните состојби налагаат нова динамика во евроинтегративните процеси на земјите од Западен Балкан, со што ќе се потврди кредибилноста на ЕУ и ќе се охрабрат процесите за надминување на разликите и помирување во регионот. - Процесот на проширување на ЕУ претставува безбедносно прашање, а европските перспективи на земјите од Западниот Балкан, и кредибилитетот на овој процес, од суштинска важност за регионалната и европската стабилност. Благодарни сме за силната американска поддршка за што поскоро започнување на процесот на преговори на Северна Македонија, што во моментов преставува и најдобриот начин да се зачува кредибилитетот на овие процеси, нагласи Османи. На средбата со Блинкен, министерот Османи го поздрави партнерството меѓу Северна Македонија и САД, особено во контекст на НАТО, истакнувајќи го притоа стратешкото партнерство меѓу двете земји, сега веќе надградено и со Стратешкиот дијалог, како еден од најважните столбови за долгорочната стабилност на Северна Македонија, како и за нејзината демократска и цивилизациска надградба. са/ https://www.youtube.com/watch?v=gYyR4eGRAWQ

Остани поврзан