Осветен крстот во село Белица, подарок на двајца браќа од селото
- Во рамките на десеттите јубилејни Белички средби, беше осветен крстот и јарболот кај „Цветин гроб“, изработени од мајсторот Филип Кочоски.
- Одбележувањето на јубилејните десетти Белички средби беше збогатено и со денешното осветување на крстот и јарболот, подарок на мојот татко и стрико Тимо и Цветан Соколески. Карактеристично е што местото каде што е поставен крстот се вика „Цветин гроб“ и според легендата во време на Отоманската империја, турски аскер и арамии доаѓале кон селото Белица и младата Цвета на сиот глас од карпата викала до селаните да се сокријат, бидејќи идат арамии. Еден од нив тргнал да ја фати и обесчести девојката, но, храбрата Цвета скокнала од карпата за да не ја фатат жива, тука загинала и тука е погребана, и затоа ова место го носи името во чест на младата девојка „Цветин гроб“, вели Игор Соколески.
Изградбата на крстот и јарболот започна во есента 2020 година и беше завршена во ноември истата година.
Крстот е осветлен и во ноќните часови и со својата импозантност доминира над селото и околината. за/ар