Оригинален документ кој потврдува дека и во округот Пешкопеја живееле Македонци
- Оригинален документ за отворање на училиште на македонски јазик во пограничното село Горно Крчишта, округ Пешкопеја, е еден од многуте документи за постоењето на Македонците во овој дел на Ал
Дебар, 11 ноември 2022 (МИА) – Оригинален документ за отворање на училиште на македонски јазик во пограничното село Горно Крчишта, округ Пешкопеја, е еден од многуте документи за постоењето на Македонците во овој дел на Албанија, што го објавува Никола Ѓурѓај, претседател на македонското друштво „Илинден“-Тирана.
Според него, во документот со датум од 11 февруари 1946 година стои дека министерството за образование дозволува настава на македонски јазик, по барање на жителите од ова село, што е „силен доказ дека во овој дел на земјата живеат единствено Македонци“.
-До Извршниот Комитетот на округот Пешкопеја, секција за образование. Земено е предвид барањето на жителите од село Горно Крчиште за отворање училиште на македонски јазик. Во училиштето ќе се учи само на македонски до трето одделение, а во погорните одделенија ќе се одржуваат и три часови албански јазик. Училиштето ќе функционира според законите во Албанија. Министер за образование проф. Костаќ Ципо, стои во докуменот.
Селата Горно и Долно Крчишта, Ербеле и уште неколку села припаѓаат на областа Долно Поле, понасевер од Голо Брдо, округ Пешкопеја, кои порано биле населени само со Македонци и учеле на македонски. Голем бил бројот на Македонците што живееле и во градот Пешкопеја.
Настава на македонски јазик до 1949 имало и за Македонците во областа Голо Брдо, која опфаќа 22 села, до кога ним им бил признаен и статусот малцинство.
-Македонците кои живеат во Голо Брдо биле признаени како малцинство се до 1949 година, што се потврдува и од изводите издадени од албанските власти во тој период, каде стои и македонска националност. До таа година, што се потврдува и со документ, наставата во училиштата во Голо Брдо се изведувала на македонски јазик, со учители од Македонија. Мајчин јазик на кој се зборува во Голо Брдо е македонскиот. Децата до седумгодишна возраст не го зборуваат албанскиот и него го учат со поаѓање на училиште, изјави за МИА, Никола Ѓурѓај претседател на македонското друштво „Илинден“-Тирана.
Додава дека и покрај низата барања упатени од македонските друштва до албанските власти, по падот на комунизмот, за враќање на статусот малцинство и воведување настава на мајчин македонски јазик, до сега нема никаков одговор. вт/ир