• вторник, 24 декември 2024

Општинскиот кризен штаб на Кочани бара поголема дисциплина од граѓаните и санкции за неодговорните

Општинскиот кризен штаб на Кочани бара поголема дисциплина од граѓаните и санкции за неодговорните
Кочани, 9 јуни 2020 (МИА) – По утврдувањето на деветте нови случаи позитивни на коронавирусот, Општинскиот кризен штаб на Кочани денеска одржа седница на која се разгледуваше влошениот здравствениот биланс и се предлагаа нови мерки за спречување на Ковид-19. Со скринингот во изминатите денови биле опфатени 329 вработени во градинките во Кочани, Чешиново-Облешево, Зрновци, Виница, Берово, Делчево, Пехчево и Македонска Каменица. – Со ова тестирање се потврди присуството на вирусот, а растот на бројот на заразени е резултат на непридржување кон мерките за заштита. Простор за паника нема, бидејќи случаите се познати и се под контрола, но примената на заштитните мерки е повеќе од потребна. Деветте позитивни лица од Кочани се од различни објекти на кочанската градинка, а досега направивме анализи на вкупно 753 брисови, истакна Гоце Серафимов, директорот на Центарот за јавно здравје – Кочани. Градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев побара поголема одговорност и ажурност на инспекциските и другите надлежни служби. Од Одделението за внатрешни работи најавија дека полицијата во наредниот период почесто ќе биде на терен и ќе го контролира и санкционира неносењето заштитни маски, не држењето дистанца и групирањето, како и почитувањето на протоколот за отворање и работа на угостителските објекти. Комуналното претпријатие „Водовод“ и Територијалната противпожарна единица од Кочани почнаа со дополнителна дезинфекција на градинките, училиштата и другите јавни објекти, како и на улиците и местата за одлагање отпад. Кризниот штаб донесе заклучок директорите на училиштата ригорозно да ги спроведуваат мерките за заштитата, а состаноците да се држат на отворено. Детските и повеќенаменските игралишта не се пуштени во употреба и потребно е да се почитува таа забрана. Од сите јавни превозници, таксистите и патниците се бара најодговорно да ги применуваат мерките за заштита од заразниот вирус. та/ир

Остани поврзан