• понеделник, 23 декември 2024

Општина Центар издаде решенија на „Гнездо“ и „Интермецо“ за преземање мерки за намалување на гласноста

Општина Центар издаде решенија на „Гнездо“ и „Интермецо“ за преземање мерки за намалување на гласноста
Скопје, 23 јули 2021 (МИА) - Секторот за инспекциски работи на Општина Центар продолжи со мерењата на бучавата во угостителските објекти, при што се издадени решенија на уште два објекти, „Гнездо“ и „Интермецо“, за преземање мерки за намалување на гласноста. - Овластените општински инспектори за животна средина, заедно со одговорните лица од овластената лабораторија за мерење на бучава, со која Општина Центар има склучено договор, овие денови се повторно на терен, соопштија од Општината. Како што информираат, по извршените мерења во одредени локали, инспекторите констатирале повисоки вредности од максимално дозволените гранични во ноќен период, по 23 часот, а уште два локали, „Гнездо“ и „Интермецо“, добија решенија за преземање мерки за намалување на вредноста на имисионото ниво на бучавата во животната средина. По добивањето на решенијата, угостителите имаат законски рок од осум дена да постапат по нив. Изминатата седмица општинските инспектори издадоа две решенија за преземање на мерки за намалување на бучавата на два угостителски објекти, Мош и Макка, а засилените контроли ќе продолжат и во наредните денови, во сите делови од општината. - Општина Центар апелира до сите управители и сопственици на угостителски објекти во Општина Центар, да се придржуваат до постоечките правилници, да имаат обзир кон жителите кои живеат во непосредна близина на нивните локали и да се придржуваат до Законот за заштита од бучава во животната средина. Во спротивно, за сите измерени надминувања на граничните вредности на бучава, ќе се преземат законски пропишаните мерки и на угостителските објекти ќе им бидат изречени поригорозни казни, во согласност со Законот за заштита од бучава во животна средина, посочија во соопштение општинските власти. бт/сп/

Остани поврзан