• понеделник, 23 декември 2024

Општина Кисела Вода ќе го одбележи 67. роденден со седум капитални проекти и програма за Културно лето

Општина Кисела Вода ќе го одбележи 67. роденден со седум капитални проекти и програма за Културно лето
Скопје, 24 јуни 2022 (МИА) - Со седум капитални инфраструктурни, комунални проекти и седум музичко-забавни случувања, Општина Кисела Вода ќе го одбележи 67-миот роденден, изјави градоначалникот на општината Орце Ѓорѓиевски на денешната прес-конференција, каде беа промовирани бројните роденденски активности кои ќе се одвиваат под мотото „67 години Моја Кисела Вода“. Почнувајќи од 27 јуни до 3 јули 2022, секој ден во 10 часот наутро ќе се промовира по еден капитален комунален проект. - Тоа се седум инфраструктурни решенија на децениски проблеми на нашите жители, кои заедно со нив ги дефиниравме како приоритетни. Како ново раководство кое во прв план ги става потребите на граѓаните, одлучивме не со еден- туку со седум капитални проекти да го одбележиме почетокот на новата година од постоењето на Кисела Вода, бидејќи утрото го најавува денот, а ова ќе биде динамична и плодна година за нашата општина. Ќе се интервенира и инвестира во сите сфери, храбро, одлучно и плански ќе се решаваат крупни проблеми. Да го креираме ликот на општината по мерка на граѓаните, бидејќи ова место веќе 67 години е наш дом во кој треба сите ние убаво и квалитетно да живееме, а потоа и да го оставиме на нашите поколенија, дополни Ѓорѓиевски. Воедно беше најавена и богатата забавна програма на претстојното ново издание на Културно лето 2022, на којашто е најавен настапот на голем број на домашни македонски ѕвезди, - ДНК, Влатко Лозаноски, Теа Трајковска, ДЈ Оги, Куд Китка, Филип Шурбевски Езгија Квартет, Ефто Пупиноски, Боби Павловски, Златно Славејче, Миле Кузмановски, како и настап на Наум Петрески, Зуица Лазова, Владимир Поповски + Бенд. Во вечерните часови, од 29 јуни до 2 јули, со почеток од 20 часот до полноќ, присутната публика ќе може да ужива во музичките настапи и концерти на три различни локации и тоа, Парк Македонија (29 до 30 јуни), Три Круши во Драчево (1 јули) и Расадник (2 јули). Неколкудневната програма на Културно лето 2022, ќе биде затворена на 2 јули, со вечерен музички концерт на големата балканска ѕвезда Жељко Самарџиќ. Во рамките на Културно лето 2022, на првиот ден пред официјалната вечерна програма, со почеток во 18 часот во Парк Шопен, ќе се оддржи и Хуманитарна Коријада, кадешто традиционално, голем број пензионери ќе се вклучат во собирање средства за хуманитарни цели со подготовка на домашни национални пецива. На последниот ден во сабота, 2 јули, во Расадник, покрај настапот со почеток во 11 часот на „Златно Славејче“ и изненадувањата за присутните дечиња, за прв пат во организација на Општина Кисела Вода, од 18 часот истиот ден премиерно ќе се одржи и „Битка на бендови“, каде што победникот ќе биде награден со концерт во организација на општината. мс/са/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан