• петок, 05 декември 2025

ОН: 68 мигранти се удавија во бродолом кај брегот на Јемен

ОН: 68 мигранти се удавија во бродолом кај брегот на Јемен

Сана, 4 август 2025 (МИА) - Најмалку 68 африкански мигранти загинаа, а 74 се водат како исчезнати во бродолом што се случи во близина на брегот на Јемен, објави денеска Агенцијата на ОН за миграција.

На бродот што потонал вчера во Аденскиот Залив имало 154 мигранти од Етиопија. Трагедијата се случила покрај брегот на јужната јеменска покраина Абјан, изјави локалниот раководител на Меѓународната организација за миграција (ИОМ), Абдусатор Есоев.

Според него, телата на 54 мигранти биле исфрлени на брегот во округот Канфар. Уште 14 тела биле пронајдени во областа Зинџибар, главниот град на покраината Абјан.

Само 12 мигранти го преживеале бродоломот, а останатите се претпоставува дека се мртви, рече Есоев.

Започната е голема операција за пребарување и спасување на мигрантите.

Мигрантите од Источна Африка и Африканскиот Рог го преминуваат Црвеното Море или Аденскиот Залив во преоптоварени бродови со помош на шверцери на луѓе. Тие пристигнуваат во Јемен како прва странска станица на шверцерскиот пат, иако таму долго време беснее граѓанска војна.

Според податоците на ИОМ, околу 60.000 мигранти пристигнале во Јемен минатата година. зш/

Остани поврзан