• петок, 22 ноември 2024

ОН: Самоволните апсења и тортури за време на судирите во Сирија се воени злосторства

ОН: Самоволните апсења и тортури за време на судирите во Сирија се воени злосторства
Женева, 1 март 2021 (МИА) - Десетици илјади цивили во текот на 10-годишниот судир во Сирија се уапсени, малтретирани, сексуално злоставувани, многумина се исчезнати, што може да претставува воено злосторство и злосторство против човештвото, се наведува во денеска објавениот извештај на Истражната комисија на ОН.
Комисијата за Сирија редовно известувала за сомнежите за кршење на човековите права и злоупотребите од избивањето на граѓанска војна.
Според извештајот, сириската Влада на претседателот Башар ал Асад самоволно апсела и притворала поединци, извршувајќи на тој начин „воени злосторства и злосторства против човештвото за време на притворот“.
Бунтовничките групи вклучени во судирите во Сирија, меѓу кои се Слободната сириска војска, Хајат Тајрир ал-Шам, Исламската држава, исто така, незаконски апселе луѓе, ги малтретирале и убивале цивили, се додава во документот на ОН.
Во судирот се убиени речиси половина милион луѓе, раселена е половина предвоена популација во земјата од 23 милиони жители, вклучувајќи и пет милиони бегалци во странство. Голем дел од територијата на Сирија е уништен, а десетици илјади луѓе се уште живеат во кампови. Извештајот на повеќе од 30 страници опфаќа 2.658 интервјуа со жртви и сведоци, направени од 2011 до крајот на 2020 година, фотографии, видео записи, сателитски снимки, официјални документи и извештаи од повеќе извори. Претседателот на комисијата на ОН, Пауло Пињеиро изјави дека членовите на стотина илјади семејства во Сирија имаат право да ја дознаат вистината за судбината на своите најблиски. За извештајот ќе расправа Советот за човекови права на ОН, кој ја основал комисијата, на 11 март. гт/

Остани поврзан