• четврток, 19 декември 2024

ОН предупредуваат дека болести во поплавената источна Либија може да предизвикаат нова катастрофална криза

ОН предупредуваат дека болести во поплавената источна Либија може да предизвикаат нова катастрофална криза

Триполи, 18 септември 2023 (МИА) – Откако либиските власти пријавија за широко распространета дијареја меѓу жителите на поплавениот град Дерна кои пиеле загадена вода, Мисијата за поддршка на Обединетите нации во Либија денеска предупреди дека ширењето на цревна болест во областа, каде што поплавите убиле повеќе од 11.000 луѓе минатата недела, ќе биде „уште една разорна криза“ која тешко би се надминала.

Во соопштението за медиумите, мисијата на ОН изрази посебна загриженост за загадувањето на водата и водата за пиење и недостигот на санитарни јазли и канализација по уривањето на двете брани предизвикано од бурата Даниел во Дерна.

Мисијата соопшти дека девет агенции на ОН работат во Либија за да помогнат во отстранувањето на последиците од поплавата и работат на спречување на ширење на болести, а Светската здравствена организација испрати 28 тони медицински материјали.

Шефот на либискиот Центар за борба против заразни болести, Хајдер ал Салих, рече дека во саботата најмалку 150 луѓе имале дијареја откако пиеле загадена вода во Дерна.

Катастрофата донесе ретко единство во Либија, поделена од 2014 година меѓу ривалските влади. Двете страни имаат различни меѓународни поддржувачи и конфликтни вооружени полициски сили.

Сепак, двете влади испратија хуманитарни тимови во Дерна, но испораката на помошта е попречена од лошата координација, тешкотиите во испораката до најпогодените области и уништувањето на целата инфраструктура на Дерна и патиштата до неа.

Министерот за здравство во владата на источна Либија, која исто така управува со Дерна, Отман Абдулџаел, вчера изјави дека почнало вакцинирање против болести кои вообичаено се случуваат по поплави.

УНЕСКО соопшти дека е загрижена за состојбата на археолошки важните урнатини на Кирена, древен грчко-римски град на 60 километри источно од Дерна. јт/

Фото: ЕПА

 

Остани поврзан