• сабота, 09 ноември 2024

Онлајн кампања за подигање на свеста против сексуално вознемирување на работно место

Онлајн кампања за подигање на свеста против сексуално вознемирување на работно место
Скопје, 20 октомври 2021 (МИА) - Независната истражувачка организација Реактор – Истражување во акција, лансираше онлајн кампања за подигање на свеста против сексуалното вознемирување на работното место.

Кампањата е составена од неколку информативни објави и има за цел да ги информира граѓанките и граѓаните за формите на сексуално вознемирување на работното место, законите според кои ова дело е казниво, како и да даде примери кои се базираат на анонимно споделени искуства  со сексуално вознемирување на работното место, како дел од студијата на Реактор.

-Според наодите на истражувањето за родово-базирана дискриминација и пазарот на труд во Северна Македонија, сексуалното вознемирување на работното место е широко распространето и за жал нормализирано во некои форми. Наодите покажуваат дека малкумина се осмелуваат да го пријават доживеаното вознемирување, иако е казниво со закон, соопштија од организацијата.

Од Реактор посочуваат дека сексуално вознемирување е каков било облик на несакано вербално, невербално или физичко постапување од сексуална природа, што има цел или последица, повреда на достоинството или создавање на заканувачка, непријателска, понижувачка или застрашувачка средина, пристап или практика.

-Сексуалното вознемирување на работното место е облик на дискриминација. Според Кривичниот законик, дискриминацијата е кривично дело казниво со казна затвор од шест месеци до пет години. Дополнително, според Законот за спречување и заштита од дискриминација, сексуалното вознемирување е казниво со парична казна до 10.000 евра, велат од организацијата.

Освен во Северна Македонија, истата кампања се спроведува и во пет други држави од Западен Балкан кои се партнери на Реактор во овој проект - Косово, Албанија, Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина, и се очекува да трае 11 дена, од18 до 30 октомври.

Реактор ги охрабрува жртвите на сексуално вознемирување да го пријават истото во Државен инспекторат за труд, Комисија за спречување и заштита од дискриминација, граѓански организации кои обезбедуваат бесплатна примарна правна помош или во полициска станица.

Кампањата е дел од иницијативата „Борба против дискриминацијата, унапредување на работничките права на жените“ и е поддржана од Европската Комисија и кофинансирана од Шведската агенција за меѓународен развој и соработка (Сида).бт/лв/

 

Остани поврзан