• вторник, 24 декември 2024

Од денеска казни за невакцинираните граѓани над 60 години во Грција

Од денеска казни за невакцинираните граѓани над 60 години во Грција
Атина, 17 јануари 2022 (МИА) – Невакцинираните граѓани во Грција кои се над 60-годишна возраст и досега не примиле барем една доза од вакцината ќе бидат казнети со парична казна од 50 евра за јануари и по 100 евра за секој нареден месец, со оглед на тоа дека од денеска стапува во сила одлуката за задолжителна вакцинација на конкретната старосна група, јави дописничката на МИА од Атина. Мерката беше соопштена на крајот на ноември, неколку дена подоцна конкретниот амандман го изгласаа пратениците во грчкиот Парламент, а предвидува дека „од неопходни причини за заштита на јавното здравје, задолжително се вакцинираат против Ковид-19 сите физички лица со живеалиште или постојан престој на грчка територија, а кои се родени пред 31 декември 1961 година“. За јануари, казната ќе биде 50 евра, со оглед на тоа дека е за половина месец, а за секој нареден, административна глоба е 100 евра. Казната ќе ја заверува и наплатува Независната управа за јавни приходи, а собраните средства ќе се користат исклучиво за зајакнување на националниот здравствен систем во битката со пандемијата. Од задолжителната вакцинација ослободени се оние кои прележале Ковид-19 во последните 180 дена, оние кои се вакцинирале во странство, како и оние кои имаат докажани здравствени причини кои ги спречуваат да се вакцинираат. Од конкретната старосна група, вакцинирани се девет од десет граѓани, а невакцинирани, според грчките медиуми, се над 300.000 лица. Кога беше соопштена одлуката на крајот на ноември околу 580.000 граѓани беа невакцинирани, а грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис мерката ја оцени како успешна, со оглед на тоа што, според него, од моментот кога беше најавена задолжителната вакцинација „речиси половина од невакцинираните одбраа да се вакцинираат“. ср/паг/

Остани поврзан