• сабота, 23 ноември 2024

Одбележување на 150-годишниот јубилеј од раѓањето на великанот Гоце Делчев

Одбележување на 150-годишниот јубилеј од раѓањето на великанот Гоце Делчев
Скопје, 4 февруари 2022 (МИА) - Денеска се одбележува 150-годишниот јубилеј од раѓањето на великанот Гоце Делчев. По тој повод предвидени се повеќе активности на македонскиот државен врв, а цвеќе на гробот на Гоце Делчев во Скопје ќе положат и делегации од Бугарија. Претседателот Стево Пендаровски по повод јубилејот од раѓањето на великанот, денеска ќе положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“. На пладне во НУ Музеј на македонската борба, претседателот Стево Пендаровски ќе ја отвори изложбата „150 години од раѓањето на Гоце Делчев (1872-2022)“, што ја организира Државниот архив на Северна Македонија, а е под покровителство на шефот на државата. Изложбата ги прикажува дејствувањето и улогата на Гоце Делчев како организатор на македонското револуционерно национално – ослободително движење од крајот на 19. и почетокот на 20. век, односно како идеолог, учител, визионер и најзначаен раководител на Македонската револуционерна организација. Авторите на изложбата, користејќи богата архивска документација, го опфаќаат ликот и делото на Делчев од повеќе аспекти, низ неговите преписки, сведоштва и погледи кон неговото дело од соборци, потоа патот на неговите мошти од с. Баница преку Софија до главниот град на современата македонска држава, Скопје. На јавноста ќе ѝ бидат претставени и материјали што ги оставиле потомците на Гоце Делчев за чествувањето на неговото име и дело во времињата што доаѓаат. Делегација од Кабинетот на претседателот исто така ќе положи цвеќе на споменикот на Гоце Делчев во Градскиот парк во Скопје, како и на споменикот на Гоце Делчев на Плоштад „Македонија“ во Скопје. По повод јубилејот од раѓањето на Делчев, Владата на Северна Македонија со свои претставници ќе организира и ќе биде вклучена во неколку свечени настани и одбележувања. – Владата на Северна Македонија го поздравува учеството на делегациите на Бугарија во одбележувањето на 150-годишниот јубилеј од раѓањето на, за нас, најзначајниот историски лик за нашата земја, со што двете држави продолжуваат со напорите за интензивирање и продлабочување на вкупната соработка и зацврстување на довербата, соопшти владината прес-служба. Бугарската делегација во земјава ќе ја предводи шефицата на бугарската дипломатија Теодора Генчовска, која ќе положи цвеќе на централната свеченост по повод 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, заедно со македонската министерка за култура Бисера Костадинова Стојчевска и заменик-министерката за надворешни работи Фатмире Исаки. Во состав на бугарската делегација, како што потврдија за МИА од бугарското МНР, ќе бидат и заменик-министерката за надворешни работи на Бугарија Велислава Петрова и претседателот на парламентарната комисија за култура Тошко Јорданов.
Инаку, во соопштението од владината прес-служба, се наведува дека Владата на Северна Македонија ќе има своја делегација составена од првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и заменик-министерот за информатичко општество и администрација Александар Бајдевски на положувањето цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата Свети Спас, активност на која се вклучени повеќе државни институции.
Владина делегација составена од министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски и советникот на премиерот Едмонд Адеми ќе положи цвеќе на споменикот на Гоце Делчев во градскиот парк во Скопје, а потоа и на споменикот на Гоце Делчев на Плоштадот Македонија во Скопје.
Во Музејот на македонската борба, напладне, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ќе присуствува на свеченото отворање на изложбата по повод 150 години од раѓањето на Гоце Делчев, организирана од Државниот архив на Северна Македонија и под покровителство на претседателот на Република Северна Македонија.
Делегација на Собранието, предводена од Горан Мисовски, потпретседател на Собранието, во состав Марија Георгиевска и Велика Стојкова-Серафимовска, ќе положи свежо цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера во интервју „Канал 5“ рече дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во текот на утрешниот ден по повод 150-години од раѓањето на Гоце Делчев во македонското Собрание ќе поднесе Декларација што ќе ги исцрта позициите по прашањето за Гоце Делчев.
На прашањето доколку би бил премиер дали заедно со Кирил Петков би положил цвеќе на споменикот на Гоце Делчев, Мицкоски рече дека „само доколку бугарскиот премиер Петков се сложи дека Гоце Делчев се борел за своја македонска независна држава“.
Прес-службата на бугарската Влада, пак, вчера соопшти дека премиерот на Бугарија Кирил Петков денеска ќе положи венец пред споменикот на Гоце Делчев во Борисовата градина во Софија, по повод 150-годишнината од неговото раѓање.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, заедно со бугарскиот премиер Петков ќе биде и в.д. амбасадорот на Северна Македонија во Бугарија Владимир Крстевски.
Бугарскиот премиер Кирил Петков по посетата на Скопје, како и по заедничката владина седница што се одржа во Софија, на 28 јануари во бугарското Собрание рече дека се подготвува заедничко чествување на Гоце Делчев меѓу Бугарија и Северна Македонија, по повод 150-годишнината од неговото раѓање.
Петков вчера во интервју за БНТ, коментирајќи ги односите Софија-Скопје, рече дека во Северна Македонија и Бугарија има многу јасни сили кои не го сакаат ова добрососедство и стабилност и ќе ја искористат секоја можност во наредните недели да го блокираат нашиот процес. Како што јави дописникот на МИА од Софија, „за надворешната политика во нашите односи, одговорни се премиерот Ковачевски и премиерот Петков“, пососчи бугарскиот премиер. Тој рече дека со Ковачевски се познаваат две недели, и сето она што е договорено било исполнето. Петков додаде дека „од нас зависи и ние ќе направиме се за да постигнеме добрососедство. Наведениот став го потврдивме и во разговорите“.
Во меѓувреме, двете министерства за надворешни работи, на Северна Македонија и на Бугарија, се огласија со ист став дека работата на заедничката комисија за историски и образовни прашања преставува важен елемент за исполнување на Договорот за пријателство од 2017 година.
Македонското МНР преку соопштение наведе дека работата на заедничката Комисија е важен елемент за исполнување на Договорот за пријателство од 2017 година и оти ја разбираат потребата на членовите на Комисијата, особено на нивните копретседатели, јавно да ги изложуваат нивните погледи и ставови, но истите притоа не треба да се толкуваат како државни позиции, ниту, пак, како дел од политичките ставови на двете Влади.
Директорот на прес-центарот на бугарското МНР, пак, Митко Димитров, вчера исто така истакна дека работата на Комисијата е суштински елемент на имплементацијата на Договорот од 2017 година и има за цел да ги надмине стереотипите од минатото. Како што јави дописникот на МИА од Софија, според Димитров, како независни научници и експерти, членовите на Комисијата имаат право да ги кажат своите ставови, но тоа не ги обврзува владите на двете земји да носат одредени одлуки. Личното мислење на членовите на комисијата не соодветствува со ставот на двете земји, додаде портпаролот на бугарското МНР. нд/ац/
Фото: МИА архива

Остани поврзан