• вторник, 26 ноември 2024

Одбележани 25 години од формирањето на Бригадата на Југоисточна Европа (СИБРИГ)

Одбележани 25 години од формирањето на Бригадата на Југоисточна Европа (СИБРИГ)

Скопје, 3 септември 2024 (МИА) - Бригадата на Југоисточна Европа (СИБРИГ) продолжува да се докажува како исклучително вреден механизам за промовирање на регионалната безбедност, доверба и одржување на воената соработка меѓу земјите-членки. СИБРИГ може да послужи како доказ дека преку соработка на земјите од Југоисточна Европа и пошироко може да се дојде до резултати. Ова беше истакнато денеска на свечената церемонија по повод одбележување 25 години од формирањето на СИБРИГ, што се одржа во кумановската касарна „Боро Менков“.

Бригадата на Југоисточна Европа е формирана во 1999 година, врз основа на Договорот за регионална соработка на полето на одбраната познат како договор за Мултинационални мировни сили на Југоисточна Европа (ММСЈИЕ), кој во 1998 година во Скопје го потпишаа министрите за одбрана на Албанија, Бугарија, Грција, Италија, Северна Македонија, Романија и Турција. Според Договорот за формирање на бригадата, локацијата на Командата на СИБРИГ е на ротациона основа, а нејзини домаќини досега беа Пловдив, Констанца, Истанбул и Лариса. Во периодот од 2020-2026 година командата на СИБРИГ е лоцирана во Куманово.

Министерот за одбрана Владо Мисајловски го честиташе 25-годишниот јубилеј и нагласи дека се работи за многу важен проект во областа на одбраната во Југоисточна Европа.

- Ние работиме во СИБРИГ и во исто време им служиме на нашата држава и на нашите граѓани, потенцира Мисајловски.

Како земја домаќин на СИБРИГ, тој изрази задоволство што повеќе армии работеле заедно во Куманово и придонесувале за, како што рече, успешна соработка.

Пред една година во Куманово имаше официјалната тројна церемонија: официјалното примопредавање/преземање на Претседателството на СЕДМ, трансферот на командата на СЕЕБРИГ од Земја-1 на Земја-3 и 24-годишнината на Бригадата.

На свеченоста се обрати и претседавачот на Координативниот комитет на SEDM и на Политичко-воениот управен комитет Симона Којачару, која нагласи дека Процесот на соработка на министрите за одбрана на Југоисточна Европа (СЕДМ) расте како клучен двигател на политичко-воената соработка меѓу министерствата за одбрана на нејзините земји и пошироко.

- По четврт век постоење на СИБРИГ, сега многу добро ја знаеме решителноста и посветеноста неопходни за да ја одржиме активноста и доготрајноста на Бригадата. Сите наши земји заслужуваат благодарност за напорите што имаат значително влијание врз нашата регионална безбедност. Во оваа насока, исто така треба да изразиме благодарност до сите команданти кои дадоа многу важен придонес за безбедноста на Југоисточна Европа во нивната улога како команданти на СИБРИГ. За жал, двајца од овие истакнати воени лица повеќе не се меѓу нас: бригадниот генерал Нејко Ненов, од Земја-2 и бригадниот генерал Хилми Акин Зорлу од Земја-7, изјави Којачару. Присутните им оддада почит со едноминутно молчење на овие двајца генерали.

Според неа, мирот и добрите односи на кое било поле, а особено во меѓународните односи бараат зајакната меѓународна соработка и слободоумен пристап кон сите проекти за соработка.

- Тоа можеме да го направиме ако продолжиме да инвестираме во процесот на СЕДМ и да работиме СИБРИГ да стане сè поважен актер за регионална стабилност, порача Којачару.

На свеченоста се обрати и командантот на Командата на СИБРИГ, бригадниот генерал Билбил Битри. мд/са/

Фото: МИА

Остани поврзан