• понеделник, 23 декември 2024

Обвинителството бара дополнителна документација од Општина Кочани за хидроцентралата на Мала Река

Обвинителството бара дополнителна документација од Општина Кочани за хидроцентралата на Мала Река
Кочани, 25 март 2021 (МИА) - Основното јавно обвинителство во Кочани доставило барање до општинската администрација да обезбеди дополнителна документација за издавањето согласност за изградба на мини хидроцентралата на Мала Река. Од локалната самоуправа на Кочани информираа дека од денеска почнало прибирањето на податоците и се очекува по нивното комплетирање да бидат доставени до обвинителот во законски предвидениот рок. - Обвинителството од нас бара целосна информација како се одвивала постапката, што значи имаме обврска да доставиме податоци за тоа дали и кога се одржала јавна расправа со граѓаните, каков бил ставот на јавноста, односно како произлегол заклучокот дека Општината треба да даде согласност за хидро објектот. Подготвени сме да ги обезбедиме сите документи со кои располагаме за да може да се утврди фактичката состојба. Сè додека трае прибирањето на податоците и не биде соопштена одлуката на обвинителот и на повисоките надлежни органи, ќе ја запреме постапката за издавање градежна дозвола на инвеститорот, истакна градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев. Додаде дека за локалната самоуправа секоја граѓанска иницијатива што е во согласност со законските прописи е прифатлива, а идејата на невладините организации за одржување референдум е сосема легитимна. Претходно, дваесетина локални невладини организации, кои се здружија во одборот „За здрав живот во Кочани“, најавија постапка за ново изјаснување на граѓаните, затоа што се сомневаат дека воопшто се одржала јавна расправа за изградба на мини хидроцентралата кај браната Гратче. та/мс/

Остани поврзан