НУ Музеј Куманово со богата програма по повод Меѓународиот ден на музеите
- Националната установа Музеј Куманово организира богата програма за посетителите и бесплатен влез за граѓаните по повод 18 Мај - Меѓународниот ден на музеите, информираа на денешната прес-конференција надлежните од установата.
Куманово, 13 мај 2025 (МИА) - Националната установа Музеј Куманово организира богата програма за посетителите и бесплатен влез за граѓаните по повод 18 Мај - Меѓународниот ден на музеите, информираа на денешната прес-конференција надлежните од установата.
Програмата е различна, интерактивна, наменета за сите возрасти и има за цел да го афирмира културното наследство и приближување на музејската дејност до пошироката јавност.
- Вчера се одржа едукативната активност „Археолог на еден ден“ каде учениците имаа можност да се запознаат со археологијата преку практична работа со вистински алатки и предмети. Денеска се промовира „Мапата на спомениците на културата“ во Куманово и регионот се одржува креативна работилница. Утре ќе се прикаже етнолошкиот документарен филм „Свадбата во Кокино“, изјави директорката на НУ Музеј Куманово Марија Живачки.

На 15 мај посетителите ќе имаат можност да учествуваат на интерактивната музејска интерпретација „Си беше еднаш“. Програмата завршува на 16 мај со креативна ликовна работилница. Неделава во просториите на Уметничката галерија Куманово е поставена самостојна изложба на академскиот уметник Мирослав Величковски под наслов „Амброзија и нектар“.
- Влезот за сите посетители ќе биде бесплатен во текот на сите денови од програмата, како за постојаната музејска поставка во Музеј Куманово така и за Меморијалниот центар АСНОМ во село Пелинце, изјави Живачки.

Меѓународниот ден на музеите се одбележува од 1977 година со организирање активности во музеите ширум светот со цел промоција и зачувување на културното наследство. ам/мд/
Фото: МИА и НУ Музеј