• вторник, 05 ноември 2024

НУ Музеј Куманово ги одбележува Европски денови на културно наследство

НУ Музеј Куманово ги одбележува Европски денови на културно наследство
Куманово, 23 септември 2022 (МИА) - Националната установа Музеј Куманово во рамки на одбележувањето на Деновите на европското културно наследство организира изложби, едукативни работилници, проекции на етнолошки филмови, промоции кои се дел од активностите со кои установата ги одбележува Деновите на европското културно наследство, кои почнаа вчера и ќе траат сè до 28 септември, годинава, соопштија денеска надлежните од установата. Влезот за сите манифестации е бесплатен. Заедничката тема на овогодишното одбележување, прифатена од Европските денови на културното наследство, е „Одржливо наследство“. - Вчера, ученици од кумановската гимназија ја проследија проекцијата на етнолошкиот филм „Мека душа за тврдо железо“ од авторките етонолози, Надица Петковиќ и Валентина Илијевска. Денеска учениците од „Гоце Делчев“ ќе ги проследат етнолошките филмови „Ориентални влијанија на поствизантиските цркви во Кумановско“ и „Двојните цркви во Кумановско од поствизантиски период XVI-XVII век“ од авторот Валентина Андреиќ, изјави директорката на НУ Музеј Куманово, Мери Николиќ. Наредната работна недела ќе се одржат едукативни работилници со основците „Погледни во минатото, дизајнирај ја сегашноста“ со ученици од „Крсте Мисирков“, во вторник музејските работници од Куманово ќе го посетат локалитетот „Царичин град, општина Лебане и Народниот музеј во Лесковац. На последниот ден повторно има едукативни работилници „Погледни во минатото, дизајнирај ја сегашноста“ со ученици од основните „Кочо Рацин“ и „Браќа Миладиновци“. Манифестацијата ќе заврши со ретроспективно-монографска изложба на Крсто Славковски од авторот Гоце Божурски во 20 часот во Уметничка Галерија Куманово. - Од овој месец, секој последен четврток влезот во НУ Музеј, на локалитетот Кокино, Меморијалниот Центар АСНОМ, спомен куќата Христијан Тодоровски Карпош, Уметничката Галерија ќе биде бесплатен за сите граѓани. За поголемите групи и при најавени посети ќе обезбедиме и водич. Целта е да се доближи културното наследство и работата на Музејот до пошироката јавност, изјави Николиќ. Европските денови на културното наследство претставуваат најшироко прифатен партиципативен културен настан којшто го споделуваат граѓаните на Европа. Со повеќе од 70.000 настани што се организираат во педесетте земји – потписнички на Европската културна конвенција, оваа сеевропска иницијатива има за цел да ја подигне свеста кај пошироката јавност за заедничкото – европско наследство. Во текот на повеќедецениската реализација, Европските денови на културното наследство прераснаа во најголем европски проект поврзан со наследството, којшто успешно ја промовира инклузивноста и ја поттикнува креативноста и имагинацијата на граѓаните на Европа. ам/дма/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан