Нови судири во комплексот на џамијата Ал Акса во Ерусалим
- По десетдневно смирување на тензиите денеска повторно дојде до судири меѓу Израелците и Палестинците во комплексот на џамијата Ал Акса во Ерусалим
Ерусалим, 5 мај 2022 (МИА) - По десетдневно смирување на тензиите денеска повторно дојде до судири меѓу Израелците и Палестинците во комплексот на џамијата Ал Акса во Ерусалим.
Израелската полиција соопшти дека одбила „десетици бунтовници“ кои фрлале камења и други предмети врз безбедносните сили.
Пред џамијата се распоредени засилени полициски сили, а од палестинската организација Црвена полумесечина нема пријавени жртви во насилствата.
Судирите се случуваат на годишнината од независноста на Израел, по тензичниот период во кој се совпаднаа муслиманскиот месец Рамазан, еврејскиот празник Пасха и христијанскиот Велигден.
Речиси 300 луѓе беа повредени во судирите меѓу израелската полиција и Палестинците во џамијата Ал Акса од средината на април.
Ал Акса е третата по важност светост во исламскиот свет, но и најсветото место во јудаизмот, познато кај Евреите како Планината на храмот.
Палестинците се револтирани од зголемувањето на бројот еврејски посетители на комплексот, каде на Евреите одамна им е дозволена посета, но не и практикување верски обреди.
Исламистички претставници на Хамас од Појасот Газа минатата седмица се заканија до ракетни напади врз синагоги во Израел доколку продолжат нападите на израелските сили врз исламските верници во храмот.
„Морате да бидете подготвени за голема битка доколку (израелската) окупација не престане да ја напаѓа џамијата Ал Акса“, изјави Јахја Синвар, шефот на Хамас во палестинската енклава блокирана од Израел.
Рациите на израелската полиција во комплексот минатиот месец предизвикаа општо незадоволство кај регионалните лидери.
Јордан кој управува со светите места во Ерусалим, го обвини Израел за кршење на долгогодишниот „статус кво“ што им дозволува на сите конфесии да се поклонуваат на нивните свети места во градот.
Како резултат на растечкото насилство од 22 март, во четири одделни напади на израелска територија беа убиени 12 Израелци, како и еден арапско-израелски полицаец и двајца Украинци. Два од смртоносните напади беа извршени во областа Тел Авив од страна на Палестинци. Во истиот период беа убиени вкупно 26 Палестинци и тројца израелски Арапи. аб/