• среда, 25 декември 2024

Нови напади на израелските воздухопловни сили врз Газа

Нови напади на израелските воздухопловни сили врз Газа

Газа, 6 јануари 2024 (МИА) - Израелските воздухопловни сили денеска започнаа нови напади врз опколениот и разурнат Појас Газа, каде што беа убиени десетици Палестинци во изминатите 24 часа, а ОН ја означи палестинската територија „ненаселливо место на смртта“.

Војната меѓу Израел и палестинската исламска организација Хамас, која утре влегува во четвртиот месец, предизвика стравувања дека ќе се прошири поради зголеменото насилство на израелско-либанската граница, во Ирак, Сирија и Црвеното Море.

Либанскиот Хезболах денеска истрела десетици ракети врз воената база Мерон во северниот дел на Израел во напад што беше претставен како прв одговор на убиството на уште еден човек од Хамас во предградие на Бејрут, што му се припишува на Израел.

Израелската војска потврди дека базата била цел на ракетен истрел од соседен Либан.

Во Појасот Газа, синоќа и рано утринава бил нападнат Рафа, град на крајниот југ каде стотици илјади Палестинци се засолниле во последните недели за да избегнат разорно бомбардирање.

Во нападите врз Кан Јунис, исто така на југот на Појасот, загинаа 22 Палестинци, соопшти владата на Хамас.

На северот на Газа, каде што започна израелската копнена офанзива на 27 октомври, бомбардирањето исто така не престанува.

Продолжуваат да се истрелуваат ракети од Појасот Газа кон Израел, но со помал интензитет, а речиси секојдневно се слушаат антиракетни предупредувачки сирени, главно на југот на Израел, во близина на палестинската територија.

Портпаролот на израелската војска Даниел Хагари објави дека на северот на границата со Либан, војниците се на „многу високо ниво на будност“.

Од 8 октомври, ден по почетокот на војната меѓу Израел и Хамас, проиранскиот либански Хезболах од јужен Либан секојдневно го напаѓа северен Израел, главно гаѓајќи ги воените позиции за поддршка на сојузниците на „Хамас“. Израел одговара со напади врз цели во јужен Либан.

Во Сирија и Ирак, нападите врз американските воени бази се зголемени од 7 октомври, а јеменските бунтовници Хути напаѓаат бродови во Црвеното Море и гаѓаат ракети кон Израел како знак на поддршка за Палестинците.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел денеска се сретна со либански претставници во Бејрут и оцени дека е апсолутно неопходно да се избегне вмешаност на Либан во регионалниот конфликт.

Во меѓувреме, американскиот државен секретар Ентони Блинкен се состана во Истанбул со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој ја осудува американската поддршка за Израел.

Во видео пораката испратена до Блинкен, лидерот на Хамас Исмаил Ханије, кој живее во Катар, побара од американскиот државен секретар да се фокусира на „завршување на израелската офанзива и ставање крај на окупацијата на целата палестинска земја“. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан