• понеделник, 18 ноември 2024

Новиот јавен обвинител Коцевски ја презеде должноста од досегашната в.д. републичка обвинителка Соња Симовска

Новиот јавен обвинител Коцевски ја презеде должноста од досегашната в.д. републичка обвинителка Соња Симовска

Скопје 15 февруари 2024 (МИА) – Новиот јавен обвинител на Република Северна Македонија, Љупчо Коцевски, денеска официјално ја презеде должноста од досегашната в. д. републичка обвинителка Соња Симовска, која беше на местото на Љубомир Јовески.

Од Основното јавно обвинителство информираат дека одржана е средба на Коцевски и Симовска на која се разговарани актуелните состојби во Јавното обвинителство и за приоритетните активности во следниот период.

Коцевски и Симовска разговарале во насока на зајакнување на системот за борба против криминалот и корупцијата, јакнење на самостојноста и независноста на јавните обвинители во постапувањето, како и зголемување на отчетноста и транспарентноста на институцијата.

Новиот државен јавен обвинител Коцевски утрово даде свечена изјава пред претседателот на Собранието, Јован Митревски, каде истакна дека вршењето на функцијата државен јавен обвинител е тешка и одговорна работа пред која стојат многу предизвици и порача дека транспарентноста е едно од основните начела во неговата програма.

Вели транспарентноста ќе ја поттикне отчетноста, одговорноста, ефикасноста кај самите обвинители, а сето тоа ќе ја зголеми довербата во јавноста.

– Јавното обвинителство треба да биде единствениот орган што ќе се бори против корупцијата и ценам ова што го ветувам ќе го исполнам. Во однос на транспарентноста, еве пред медиумите изјавувам дека јас и Обвинителството ќе бидеме отворени за јавноста и ќе бидеме во секое време достапни за информации кои што се во интерес на јавноста, рече Коцевски.

Посочи дека не би навлегувал во детали во однос на одредени предмети, но истакна дека Обвинителството ќе отвора предмети за сите поднесени пријави и ќе нема селективна селекција во гонењето на сторителите на кривичните дела.

– Ценам денеска и формат на заклетвата и денешниот ден, не би навлегувал во детали во однос на одредени предмети, но секако за било што Јавното обвинителство ќе формира предмети за сите поднесени пријави, за сите оние што по чуен глас ќе биде допрен до јавниот обвинител и ќе нема никаква селективна селекција за евентуално гонење на сторители на кривичните дела, изјави Коцевски.

Собранието завчера едногласно со 62 гласа „за“ го избра Коцевски за нов државен јавен обвинител.

Коцевски беше предложен како единствен кандидат за нов државен јавен обвинител откако обвинителката Лидија Раичевиќ не доби позитивно мислење од Советот на јавни обвинители, а за обвинителката Фатиме Фетаи, Судскиот совет не се расправаше поради нецелосно доставена документација.

Коцевски е поранешен адвокат, кој во 2008 година бил избран за виш јавен обвинител во Гостивар. Од јануари 2022 година е избран за јавен обвинител во републичкото Јавно обвинителство, меѓу десеттемина обвинители во оваа институција. Тој бил дел и од Управниот одбор на Академијата за судии и обвинители, но и член на дисциплинската комисија во Јавното обвинителство.

Претходниот државен обвинител Љубомир Јовески, беше именуван на 25 декември 2017 година, а го наследи Марко Зврлевски, кој беше разрешен во август истата година. Во моментов, в. д. републичка обвинителка на местото на Љубомир Јовески е обвинителката Соња Симовска. ра/аа/

Фото: Јавно обвинителство // МИА

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан