• недела, 22 декември 2024

Нова група деца од Општина Кисела Вода замина на бесплатно летување во Охрид

Нова група деца од Општина Кисела Вода замина на бесплатно летување во Охрид

Скопје, 19 август 2024 (МИА) - Нова група деца утрово замина на спортски камп на брегот на Охридското Езеро. Преку оваа мерка на Општина Кисела Вода бесплатно летување е овозможено на вкупно 165 дечиња.

Како што информира денеска Општина Кисела Вода, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски им посака среќен пат на спортистите од младинските категории од спортските клубови од Oпштината и на основците од социјален ризик кои наредните седум дена бесплатно ќе летуваат и ќе се дружат.

- Денескa испративме уште една група на млади спортисти и ученици од социјален ризик на спортски камп на брегот на Охридското Езеро. Овој бесплатен седумдневен камп е многу повеќе од обично летување. Tој претставува одлична можност децата да се социјализираат, да создадат нови пријателства и да ги развиваат своите спортски таленти, изјави Ѓорѓиевски.

Според него, преку вакви активности децата не само што ќе ги усовршат своите спортски вештини, туку ќе научат и важни животни лекции за тимска работа, дисциплина и посветеност.

- Наша обврска е да продолжиме да ги поддржуваме и мотивираме младите спортисти, а оваа иницијатива е само дел од нашата континуирана стратегија за промоција на спортски активности и здрав начин на живот меѓу младите. На ова гледам и како на начин да се спречи маргинализацијата на децата од социјално-загрозените семејства. Сите деца, без разлика на нивната социјална позадина заслужуваат еднаква шанса за успех и развој, нагласи Ѓорѓиевски. мд/са/

Фото: Општина Кисела Вода

Остани поврзан