• петок, 22 ноември 2024

Нобеловецот Ден Шехтман промовиран за Почесен професор на УКЛО-Битола

Нобеловецот Ден Шехтман промовиран за Почесен професор на УКЛО-Битола

Битола, 27 мај 2023 (МИА) - Професор д-р Ден Шехтман од Израел, добитник на Нобелова награда за хемија во 2011 година од денеска е избран Почесен професор на Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола. На свечена академска церемонија во Битола, ректорот на битолскиот Универзитет, професор д-р Игор Неделковски, на д-р Шехтман му врачи инсигнии, одора и универзитетска диплома за Почесен професор на УКЛО-Битола.

-Почестен сум што ја добив оваа висока универзитетска титула. Најважното нешто за една држава, вистинско национално богатство се луѓето и нивната свест. Според мене на Македонија и треба економски успех што ќе го врати младото население во земјава и затоа ви се потребни повеќе инженери и научници. Универзитетот е местото каде што се подготвува таков кадар, да се отвораат стартапи и други инвестиции. Како што знаете јас доаѓам од мала земја, но таа е исклучително економски развиена и затоа младите се враќаат назад во државата, пред се заради економските стартапи. Македонија прекрасна земја со прекрасни луѓе, паметни, љубезни, слично како нас и затоа деновиве тука се чувствувам како дома, рече нобеловецот Шехтман.

Промовирањето на д-р Шехтман за Почесен професор на УКЛО-Битола ќе придонесе за подобрување на рејтингот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола, посочи ректорот Игор Неделковски.

-Првпат на нашиот Универзитет присуствува еден нобеловец, прв пат на нобеловец му предложивме и тој се согласи да биде избран во звање Почесен професор и со тоа да прифати да биде дел од УКЛО. Овој чин го потврдува рејтингот на УКЛО што го има на меѓународно ниво, и се надеваме дека со академик Шехтман тоа ќе продолжи и затоа очекуваме овој чин да придонесе за поголема видливост на нашиот Универзитет во светот, нагласи ректорот Неделковски.

Професорот Шехтман е член на четирите најмоќни академии на науки во светот, на Израелската, Европската, на Руската академија на науки, како и на Американската национална инженерска академија.мт/вј/

Фото: МИА

Остани поврзан