• понеделник, 23 декември 2024

Нинова: Владата на ПП-ДБ и ГЕРБ-СДС е едно од најголемите политички предавства во последните години во Бугарија

Нинова: Владата на ПП-ДБ и ГЕРБ-СДС е едно од најголемите политички предавства во последните години во Бугарија

Софија, 25 мај 2023 (МИА) – Владата на ПП-ДБ и ГЕРБ-СДС е едно од најголемите политички предавства во последниве години, коментираше денеска лидерката на БСП, Корнелија Нинова, во врска со можната влада на „Промените продолжуваат-Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ) и ГЕРБ-СДС, јави БТА. 

-„Промените продолжуваат“ се создадени за да се смени претходниот модел на владеење на задкулисни игри и паралелна држава, а место - да ги искористам зборовите на претседателот, „соочи се надвор“ – се доби „соочи се внатре“, посочи таа. 

„Ова е ротирачка коалиција на омерта, тие едноставно самите ќе си ги чуваат грбовите“, смета Нинова.

-Нема да поддржиме таков владин кабинет. Ако се состави, ние остануваме во опозиција. Сметаме дека ова е едно од најголемите политички предавства во последните години во бугарската политичка историја, рече лидерката на БСП.

„Можете да имате ротација на премиерот, можете да имате ротација на претседателот на Народното собрание, не можете да имате ротација на моралот во политиката“, заклучи Нинова. 

Според неа, ова што сега го прават двете коалиции е гаранција за уште поголема нестабилност и хаос над хаосот. 

-Затоа што замислете си за девет месеци менувате премиер, дали ќе менувате министри, регионални гувернери, праша лидерката на БСП.

На прашањето дали БСП ќе обезбеди уставно мнозинство за реформите во правосудството, Нинова ги повика прво да кажат што сакаат да се смени во Уставот, бидејќи досега идните коалициски партнери биле прилично збунети. сд/

Остани поврзан