• недела, 22 декември 2024

Николоски: Условот за трет мобилен оператор е тој да биде од земја-членка на ЕУ или НАТО

Николоски: Условот за трет мобилен оператор е тој да биде од земја-членка на ЕУ или НАТО

Скопје, 14 август 2024 (МИА) – Дали ќе имаме трет мобилен оператор или ќе најдеме друг начин да ги намалиме цените на услугите, за тоа треба да одлучиме како Влада. Но, основен услов за трет мобилен оператор е тој да биде од земја-членка на ЕУ или на НАТО и да користи технологија, којашто е т.н. „чиста“ и одобрена од Алијансата, со строга забрана за користење на руска, кинеска, индиска технологија, која не е одобрена од НАТО, изјави министерот за транспорт Александар Николоски во вечерашното гостување во вестите на „Сител“ телевизија.

- Ако сакаат да го напаѓаат „Фор ај џи“, нека проверат кои се неговите сопственици. Еден од неговите сопственици е најголемата воена индустрија од Германија, „Рајн метал“, која меѓу другото ги произведува и тенковите „Леопард“. Така што, кога не напаѓаат од двата оператори преку свои играчи, нека се подготват подобро. Но, наместо да губат енергија и време да ме напаѓаат мене, премиерот Мицкоски и Владата, нека размислат како да ги намалат услугите, вели министерот, одговарајќи на прашањето за нападите дека унгарската групација „Фор ај џи“, која испрати писмо со намери до Владата да инсталира мобилна мрежа во земјава, има стратешки договор со кинеска компанија.

Во однос на тоа дали Владата размислува да ги одземе ингеренциите на скопската градоначалничка Данела Арсовска за ЈСП Скопје, како што тоа го стори за јавните претпријатија „Комунална хигена“ и „Паркови и зеленило“, Николоски изјави дека за тоа треба да разговараат на владина седница.

- Треба да разговараме во Влада и да видиме кои се најдобрите модалитети. Доколку дојде иницијатива од градоначалниците, јас сум подготвен да разговарам со нив. Јас на почетокот најавив една инцијатива за градски воз и мислев дека од Град Скопје ќе ја поддржат, но не се случи. Јас тоа ќе го направам и сметам дека градскиот воз многу ќе го растовари сообраќајниот метеж, рече Николоски.

Министерот објасни дека идејата за посебни закони за урбанистичко планирање на скопските општини Карпош и Центар, дошла на седницата на собраниската комисија на која се разгледувале измените на Законот за урбанистичко планирање.

- На моја иницијатива го повикав Здружението О2, која се противи на измените на Законот. Тие главно зборуваа за Карпош и Центар. Тоа беше дијалог. Им понудив решение по примерот на Општина Охрид, да изработиме специјални закони за општините Центар и Карпош, во кои ќе регулираме што може да се гради, каде, со која катност и друго. Додека не се донесат овие закони, јас како министер им ветив дека нема да потпишам ниту еден урбанистички план кој се однесува на градење станбени згради. Пофер предлог не можев да дадам, вели министерот.

Тој посочи дека е подготвен да се изработи целосно нов Закон за урбанистичко планирање кое ќе ги опфати сите сегменти и сите сектори, на кој би го работела комисија од хетероген состав, во која би имало претставници од најрелевантните невладини организации, здруженија на граѓани што, како што рече, ќе е првпат во историјата на изработување на закон, здруженија на граѓани, односно невладини организации, да бидат вклучени од самиот старт на подготовка на законот.

Николоски исто така додаде дека со измените на Законот за урбанистичко планирање, кои се донесоа завчера во Собранието, ќе се олеснат постапките за изградба на здравствени и образовни објекти и катни гаражи.

- Факт е дека на Македонија и треба нов Закон за урбанистичко планирање. Ова што вчера го донесовме во Собранието се едни мали измени кои пред сè се насочени кон олеснување на процедурата за изградба на училишта, градинки, амбуланти, болници и катни гаражи во 100 отсто државна или општинска сопственост финансирани исклучиво од буџетот или буџетот на општините и затоа всушност ниеден амандман не поднесе никој од опозицијата и никој не побара збор од опозицијата нити од ДУИ, Левица или СДСМ нити на комисијата, нити на пленарната седница против овој закон, истакна Николоски.

Министерот Николоски потенцираше дека за овој закон освен отпор од едно здружение, засега нема забелешки од други субјекти.

-Јас еве нудам да изработиме заеднички нов Закон за урбанистичко планирање кое ќе ги опфати сите нивни грижи затоа што во овој закон тие работи воопшто не се опфатени, нагласи министерот Николоски. ир/дма/

Фото: Скриншот

Остани поврзан