• недела, 22 декември 2024

Николај Шабев: Првиот лет Софија-Скопје-Софија ќе биде на 11 февруари, а редовните летови ќе започнат во март

Николај Шабев: Првиот лет Софија-Скопје-Софија ќе биде на 11 февруари, а редовните летови ќе започнат во март
Софија, 4 февруари 2022 (МИА) - Бугарскиот министер за транспорт Николај Шабев за БНТ изјави дека првиот лет од Софија за Скопје ќе биде на 11 февруари, а редовните летови ќе започнат во март. Како што јави дописникот на МИА од Софија, заедно со Шабев во Скопје ќе бидат и претставници на туроператорите од Бугарија, кои ќе се сретнат со нивните македонски колеги. Заедно со двајцата министри во разговорите ќе учествуваат и најголемите инвеститори во областа на туризмот од Бугарија. За два-три часа туроператорите од Бугарија и Северна Македонија треба да се договорат за туристички пакети, со што посетите на туристите од двете земји да бидат профитабилни и атрактивни. На тој начин, според Шабев, Бугарија сака да привлече два милиони туристи од Северна Македонија да ги посетат нејзините туристички места. Шабев најави дека властите во Скопје ќе обезбедат слотови за летовите на авиокомпанијата со Софија, која ќе лета или до Тирана, или Атина или Истанбул. За рутата треба да има повластени давачки, кои ќе ги добива бугарската авиокомпанија што ќе ги извршува летовите. Тогаш ќе може да се види каков е протокот на патници во овие насоки, за да може да се направи точна проценка и авиолинијата да опстои. Шабев најави дека ЕК предлага да се разгледа Коридорот за Западен Балкан, кој го исклучува Коридорот 8. Бугарија ќе предложи состанок на министрите за транспорт од Северна Македонија и Албанија со ЕК и Коридорот 8 да биде трансформиран во Коридор на Западен Балкан. Тој ќе биде финансиран од Европската комисија, изјави бугарскиот министер за транспорт Николај Шабев. нк/

Остани поврзан