• петок, 22 ноември 2024

Не е испочитувано последното ниво од проверката за Онишченко, АНБ уверува дека одговорност ќе има

Не е испочитувано последното ниво од проверката за Онишченко, АНБ уверува дека одговорност ќе има
Скопје, 19 ноември 2022 (МИА) - Интерната постапка за евентуален пропуст за случајот „Онишченко“ констатира дека не е испочитувано последното ниво од безбедносната проверка и не била направена консултација со НАТО партнерите пред да се даде позитивно мислење. Лоциран е прстенот и поединецот што го ставил потписот и ќе се преземе одговорноста. Претседателот на државата Стево Пендаровски повикува на одговорност за овој случај на доделување македонско државјанство на украинскиот државјанин Олександр Онишченко, кој е ставен на црната листа на САД. Директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) Виктор Димовски вчера по седницата на собраниската Комисија за надзор над работата на АНБ и на Агенцијата за разузнавање (АР), изјави дека чекањето за реферирање за случајот, било поради тоа што требало да се почитуваат и следат институционалните норми и да се истражи ако затаил, каде и зошто затаил системот за национална безбедност. Безбедносната проверка пред издавање позитивно мислење за издавање пасош на некое лице, Димовски појасни дека се прави на неколку нивоа и дека се потребни потписи од десет припадници на АНБ. Тие констатирале дека последното ниво кое требало да направи консултација со НАТО партнерите, дало позитивно мислење, но тоа не го направило. Тој нагласи дека истрагата ќе продолжи, со цел да се утврди дали станува збор за изолиран случај или не. Тој не го откри името на лицето, но посочи дека во сите четири сектори работат лица со безбедносни сертификати. Рече дека испитуваат дали станува збор за изолиран случај или не, односно дали се работи за пропуст или некој намерен или лукративен интерес. - Не сакаме заради ваков случај, она што е сторено со макотрпна работа во изминатиот период да пропадне. Во зависност од тоа ќе се утврди дали ќе заврши со дисциплинска или кривична одговорност, изјави Димовски. Претседателот Пендаровски во завчерашното гостување во емисијата „24 Анализа“, во врска со случајот „Онишченко“ оцени дека станува збор за сериозен удар врз кредибилитетот на една земја членка на НАТО во очите на другите сојузници. – Станува збор за човек чија биографија ја знаеме кој е на црната листа, но е поврзан со други индивидуи и групи и не е поврзан само со изборите за претседател во Америка во 2016. Има четири сектори во рамките на Агенцијата за национална безбедност (АНБ). Владата на крајот носи позитивна одлука. Треба да се сконцентрираме на интерната истрага во АНБ. Четвртиот сектор во АНБ  е за соработка со странски служби кои се наши партнери во НАТО. Ако е точно тоа што го знам, вклучително и овој сектор, тоа е голем удар за кредибилитетот за АНБ. Мора да извлечеме одговорност за овој случај. Ако човекот се мешал во нивните избори, со кои очи ќе ги погледнеме Американците. Нема да не гледаат со исти очи. Имаше и реакција од Америка како е можно ова да се случи, рече Пендаровски. Според него станува збор за прилично голем пропуст, но системски. - Јас би рекол дека станува за системски пропуст, не станува збор за една индивидуа. Значи некој погрешил, примил мито, шпекулирам, рече претседателот, повотрувајќи дека мора до крај да се истера процесот на одговорност во АНБ. Претседателот на Собранието Талат Џафери вчера реагираше да се прекине комисиската работа бидејќи според информации во медиумите, она што се зборувало на затворената седница на Комисијата за контрола на АНБ, одело тонски во живо на Јутјуб. Џафери на почетокот на седницата истакна дека нема да отстапи од своите надлежности за да испита до крај што се случува. – Одлука има на Комисијата работата да биде затворена. Од каде, како, што, тоа не е моја работа јас тоа да го испитувам. Има државни институции кои се надлежни тоа да го спроведат и сите надлежни институции се информирани и ќе бидат во Собрание тоа да го испитаат. Меѓутоа, тоа не е за телевизија, додека не се утврди што е што, рече Џафери. Тој нагласи дека нема што да крие од пратениците и од службата, посочувајќи дека сме членки на НАТО, претенденти да бидеме дел од ЕУ и сме цел на кибер напади и не треба да се случи тоа што се случило во соседството. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, пак, истакна дека е очигледно оти вчера имало ситуација што треба да се истражи и за која треба да имаат конкретни информации што се случи. – Не го оправдувам реагирањето на колегите од власта, затоа што ова е проблем во оваа институција и е голем проблем доколку ова навистина се случило и во државата. Затоа претседателе ве охрабтувам и сигурно согласно вашите надлежности да преземете обврска да се направи целосна истрага за инцидентот, односно скандалот, доколку е случен на Комисијата која што се одржуваше денеска. Таа треба да биде зад затворени врати на која присуствуваат пратеници, кои имаат сертификати од одредено ниво и доколку навистина се случило вакво нешто навистина треба да има одговорност, рече Мицевски. Украинскиот државјанин Онишченко станал македонски државјанин како спортист во еквестријан по предлог на Коњичката федерација. Одлука за доделување македонско државјанство за него донела Владата по добиено позитивно мислење од сите надлежни институции. И премиерот Димитар Ковачевски изјави дека упатил барање до институциите, кои биле вклучени во донесувањето на позитивни мислења за доделување на државјанството на Онишченко, да поднесат извештај за тоа дали и како е спроведена процедурата. мс/нд/    

Остани поврзан