• понеделник, 23 декември 2024

Неколку земји-членки на Шенген зоната ги зајакнуваат граничните контроли за да се заузди нелегалната миграција

Неколку земји-членки на Шенген зоната ги зајакнуваат граничните контроли за да се заузди нелегалната миграција

АФП, АНСА, Агерпрес, Белга, БТА, дпа, ЕФЕ, ФЕНА, ХИНА, МИА, СТА, ТАСР | 20 окт 2023 | Key Story

Голем број земји како што се Австрија, Чешка Република, Франција, Италија, Полска, Словенија и Словачка воведоа нови контроли на нивните граници. Тие се обидуваат да ги спречат криумчарите со луѓе да ги користат балканските рути за да носат мигранти во Централна и Западна Европа. Ова ја става Шенген зоната под притисок во однос на слободното движење и договорите за безвизен режим со трети земји.

Граничните контроли се воведуваат поради безбедносните предизвици и зголемената закана од тероризам во Европа по неодамнешното избувнување на насилство на Блискиот Исток, како и терористичките напади во Франција и Белгија. Оваа ситуација ја подгрева поддршката за десничарските политички партии во некои земји.

Државите што ги зајакнуваат контролите се сите членки на Европската унија и Шенген зоната на отворени граници. Земјите од Централна Европа неодамна се соочија со зголемен број на мигранти и баратели на азил кои најмногу пристигнуваат од Србија преку Унгарија и се упатуваат кон побогатите земји во Западна Европа.

Повторното воведување на гранични контроли во Шенген зоната е дозволено во исклучителни околности, а Брисел треба да биде известен пред нивното воведување.

Неодамнешните терористички напади носат загриженост

Сепак, европските лидери ги повторија повиците за подобра заштита на надворешните граници на ЕУ и ја потврдија нивната соработка на полето на миграција по смртоносниот напад во Брисел изминатиот понеделник. Двајца шведски фудбалски навивачи беа убиени близу стадионот каде Шведска играше против Белгија во квалификациите за Евро 2024.

Терористичката Исламска држава (ИД) подоцна ја презема одговорноста за нападот. Осомничениот извршител на нападот бил тунижанец кому му било одбиено барањето за азил и истиот нелегално престојувал во Белгија. Белгиската полиција го застрела 45-годишниот маж во една кафетерија во Брисел следното утро и тој подлегна на повредите.

Беше потребен еден пообединет европски пристап „за да се справиме со главните причини за она што се случи во последните денови“, изјави премиерот на Белгија, Александар де Кру, на заедничка прес конференција со шведскиот колега Улф Кристерсон и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во средата. Претходно, лидерите заеднички изразија почит за жртвите на нападот.

Фон дер Лајен изјави дека европскиот предлог е на маса веќе некое време, „со што им се дава овластување на земјите-членки да протеруваат лица кои добиле наредба за враќање доколку истите се сметаат за закана по националната безбедност“. Предлогот – ревизија на Европската директива за враќање – претставува дел од пактот за миграција за кој се води долга дискусија. „Знаејќи дека Белгија ќе го држи следното претседателство, јас сум уверена дека ќе бидеме во можност да го донесеме овој пакт“, рече фон дер Лајен.

По одлуката на Италија да воведе гранични контроли на границата со Словенија поради случувањата на Блискиот Исток, Словенија објави ревидиран режим што ќе се применува на нејзините граници со Хрватска и Унгарија.

Во Хрватска, земја која влезе во Шенген на почетокот од оваа година, одлуката на Словенија да воведе привремени гранични контроли прерасна во предизборна тема и привлече многу внимание. Имајќи во предвид дека следната 2024 е супер-изборна година во Хрватска, со парламентарни, европски и претседателски избори, временото воведување на гранични контроли предизвика жешки дебати помеѓу владата и опозицијата. Хрватската влада го претстави влезот во Шенген како свој огромен успех, а сега после повторното воведување на гранични контроли на неполна година по пристапувањето во Шенген, опозицијата сака тоа да го претстави како неуспех на владата. Некои десничарски партии предложија градење на ѕидови и испраќање на војската за да ги обезбедува границите. Владата решително го одби ова и кажа дека има доволно полициски службеници и опрема за ефективна заштита на границите.

Италијанската премиерка Џорџа Мелони изјави во средата дека ситуацијата на меѓународната сцена доведе до неопходноста Италија да го суспендира Шенгенскиот договор откако нејзината влада одлучи да воведе контроли на границата со Словенија, почнувајќи од сабота, 21 октомври.

Владата на Шпанија не го крена анти-терористичкиот аларм до максимум. Засега, Шпанија не планира да воведе полициски контроли на нејзините граници со другите членки на Европската унија.

Foto Bernd von Jutrczenka dpa

Прашањето на миграција ги охрабрува (ултра) десничарите

Зголемениот број на пристигнувања на мигранти во последните месеци, главно од Сирија и Авганистан, повторно ја разгори дебатата за имиграција во Германија, каде локалните власти велат дека се преоптоварени со баратели за азил. Овој прилив ја зголеми поддршката за крајно десничарската, анти-имигрантска партија Алтернатива за Германија (АФД), која оствари големи придобивки на регионални изборите во две покраини во текот на месецот.

Германија исто така воведе фиксни гранични контроли на влезните точки од Полска, Чешка Република и Швајцарија, објави Министерството за внатрешни работи во понеделникот. Иако Швајцарија не е дел од ЕУ, таа е дел од Шенген зоната.

Министерката за внатрешни работи Ненси Фезер ја извести Европската комисија за плановите на земјата, што ќе значи можно воведување на директни полициски контроли на границите помеѓу Германија и трите нејзини соседи.

Преосмислување на визните режими

Пратениците од Европскиот парламент во средата одобрија нов закон за дигитализација на Шенген визите, со што истите стануваат побезбедни и попристапни. Преку дигитализацијата на процесот за аплицирање за виза, законот има за цел да ги намали трошоците и времето за апликација, а истовремено да овозможи усогласени практики низ цела Европа, како и да ја подобри безбедноста.

Европските пратеници од Словачка од сите партии го поздравија донесувањето на законот за дигитализација на Шенген визите. Сепак , европските земји што моментално имаат договори за безвизен режим со ЕУ се загрижени околу повторното воведување на визни режими со блокот.

Во моментот, ЕУ бара од Босна и Херцеговина да воведе визи за земји што имаат визен режим со ЕУ, обврска што произлегува од договорот помеѓу БиХ и ЕУ од 2010 година. Иако поминаа

13 години, БиХ се уште не ја исполнила оваа обврска што може да претставува закана по безвизниот статус за земјата. Европската комисија го задржува правото да им препорача на министрите за внатрешни работи на ЕУ можна суспензија на безвизниот режим доколку БиХ не ја применува визната политика на Унијата.

Граѓаните на Северна Македонија можат да патуваат, да транзитираат и да престојуваат без виза во Шенген земјите до 90 дена во рамките на 180-дневен период. Сепак, од 2024 година, околу 1.4 милијарди луѓе од повеќе од 60 земји што уживаат безвизен режим, вклучително и Северна Македонија, ќе мора да добијат овластување за патување со цел да влезат во најголем дел од европските земји преку Европскиот систем за информации и овластување за патувања (ЕТИАС). Аплицирањето во ЕТИАС чини седум евра, иако некои патници се изземени од плаќање на овој надоместок.

Во октомври, Комисијата усвои предлог за зајакнување на механизмот за суспензија со цел подобро справување со растечките безбедносни и миграциски предизвици. Механизмот за визна суспензија му дозволува на ЕУ повторно да ги воведе визите за трети земји во случај на значително зголемување на нерегуларна миграција или безбедносни ризици.

Uncredited AP dpa

Приемите во Шенген на маса

Европскиот комесар за внатрешни работи Илва Јохансон изјави по состанокот на министрите за внатрешни работи на ЕУ во четвртокот дека внатрешните контроли, дури и кога се оправдани со безбедносни причини или нелегални преминувања на границите, треба да се избегнат бидејќи го спречуваат слободното движење на луѓето и стоките.

Делегациите од Романија и Бугарија – и двете во процес на пристапување во Шенген зоната – ги претставија мерките што ги усвоиле за да се зајакнат граничните контроли а со тоа и безбедноста на ЕУ. Јохансон го пофали напредокот на Романија на полето на гранична контрола, миграција и азил.

„Не гледам некоја разумна пречка за Бугарија да не биде прифатени во Шенген до крајот на оваа година,“ изјави бугарскиот министер за внатрешни работи Калин Стојанов пред домашните новинари во Луксембург, каде учествуваше на состанокот со неговите колеги од ЕУ. Шпанското Претседателство со ЕУ се надева дека ќе се постигне договор во рамките на Советот во декември, за да се даде зелено светло за прием на двете земји.

Овој напис се објавува еднаш неделно. Содржината се заснова на вести од страна на агенции-учеснички во енр.

 https://europeannewsroom.com/several-schengen-countries-tighten-border-controls-to-curb-illegal-immigration/

Photo: Patrick Pleul dpa

Остани поврзан