• сабота, 23 ноември 2024

На Клиниката за нефрологија лани 3.400 хоспитализации, прегледани 13 500 пациенти 

На Клиниката за нефрологија лани 3.400 хоспитализации, прегледани 13 500 пациенти 

Скопје, 14 март 2024 (МИА) - Еднаков пристап за третман и оптимално лекување на бубрежно болните е во фокусот на Светскиот ден на бубрегот, што денеска се одбележа во ЈЗУ Универзитетската клиника за нефрологија – Скопје. 

Министерот за здравство Илир Демири во обраќање на настанот посочи дека во текот на вчерашниот ден се изведени две трансплантации на бубрег, а по иницијатива на Министерството за здравство започната е кампања за сензибилизација и скрининг на 2000 пациенти, која ќе се одвива во целата држава.

На Клиниката за нефрологија, информираше Демири, во текот на 2023 година направени се 13.500 прегледи, околу 3.400 хоспитализации, како и приближно 6000 ехо прегледи. Во тек на изминатата година под покровителство на Министерството за здравство обезбедени се 3.100 вакцини за Хепатит Б, како протокол за вакцинација на сите пациенти. - Сето ова што го наброив укажува дека бубрежната болест се наметнува како приоритет на Министерството за здравство и колку грижливо се трудиме да ги решаваме и да излеземе во пресрет на сите луѓе, рече Демири.

Фондот за здравство, укажа Демири, ги покрива комплетно трошoците на оние кои имаат потреба од хемодијализа, дури и ако немаат осигурување.

Како што посочи директорката на Универзитетстаката клиника за нефрологија Ирена Рамбабова Бушљетиќ, глобалната кампања за одбележување на Светскиот ден на бубрегот е започната во 2006 година и вообичаено се одржува во втората недела од март.

– Секоја година се организира Светскиот ден на бубрег почнувајќи од 2006 година се со цел да се слушат најактуелните теми и прашања кои што се во интерес на здравствените политики. Изминатите неколку години има серијал на настани кои што се под мотото „Здрави бубрези на сите“ и уште еден поднаслов којшто се менува во текот на годината, посочи Рамбабова Бушљетиќ.

Вели оваа година, за разлика од изминатите години, акцентот е да се обезбеди еднаков пристап за третман и оптимално лекување.

– Акцентот е на превенцијата и новите медикамендозни третмани кои што се настојува да бидат достапни на пациентите кои што имаат таква медицинска индикација, посочи Рамбабова Бушљетиќ. ра/лв/

Фото: МИА

 

Остани поврзан