• недела, 22 декември 2024

Најмалку петмина пратеници повредени во Буенос Аирес за време на демонстрациите против економските реформи на претседателот на Аргентина

Најмалку петмина пратеници повредени во Буенос Аирес за време на демонстрациите против економските реформи на претседателот на Аргентина

Буенос Аирес, 13 јуни 2024 (МИА) - Безбедносните сили употребија солзавец и водени топови синоќа во Буенос Аирес за да ги растераат демонстрантите кои протестираа против економските реформи на аргентинскиот претседател Хавиер Милеи.

Неколку лица се повредени пред Парламентот, меѓу кои и петмина пратеници кои беа погодени со солзавец, додека во Сенатот се расправаше за пакетот клучни реформи на ултралибералниот претседател.

„Најмалку пет опозициски пратеници се хоспитализирани“, изјави пратеничката Сесилија Моро.

Според Здружението против институционално насилство, околу 40 демонстранти биле лекувани поради ефектите од солзавецот. Демонстрантите одговорија со фрлање камења кон полицијата и запалија два автомобила.

Аргентинскиот Сенат подоцна го одобри законодавниот пакет што предизвика сериозни контроверзии во аргентинското општество за радикални реформи во управувањето со државата и даночниот систем на Аргентина, воведени од претседателот Хавиер Милеи. Така, тој ја постигна првата победа во своите намери за радикални промени во јужноамериканската земја.

Доцна синоќа сенаторите го усвоија реформскиот пакет со 37 „за“ и 36 гласа „против“ по 11 часа жестока дебата што се одржа додека демонстрантите надвор ги повикаа да го отфрлат законодавниот пакет и се судрија со полицијата.  Како олицетворение на реакцијата што ја предизвика реформскиот проект на Милеи и длабоката поларизација во Националниот конгрес на Аргентина, усвојувањето на законот во целост беше овозможено со одлучувачкото гласање на потпретседателката Викторија Виљареал, која е и претседател на Сенатот. Првично, гласовите за и против беа изедначени со 36 спрема 36, но според Уставот, како претседателка во вакви случаи, таа има право на одлучувачки глас, кој го користи за поддршка на реформите.

„Мојот глас е за“, изјави Виљаруел пред пратениците.

Предлог-законот ќе му даде на претседателот широки овластувања во енергетиката, пензиите, безбедноста и други области. Промените, исто така, вклучуваат мерки кои се сметаат за контроверзни, како што се големи отстапки за странските инвеститори, даночна амнестија за непријавени средства и намери за приватизација на некои од државните претпријатија во Аргентина.

Доколку Сенатот го усвои законодавниот пакет предложениот закон ќе оди на разгледување во Долниот дом на Конгресот. Ако се одобрат и таму, предложените измени на Милеи ќе станат првиот закон што тој го протурка откако ја презеде функцијата во декември. паг/

Фото: ЕПА

Остани поврзан