Амандманска расправа по Законот за посебен регистар за лицата осудени за сексуална злоупотреба на малолетни лица и педофилија
- Во Собранието денеска седница ќе одржат две комисии - Комисијата за социјална политика, демографија и млади и Законодавно-правната комисија.
Скопје, 28 јануари 2026 (МИА) - Во Собранието денеска седница ќе одржат две комисии - Комисијата за социјална политика, демографија и млади и Законодавно-правната комисија.
Пред членовите на двете комисии е предлог законот за изменување и дополнување на Законот за посебен регистар за лицата осудени со правосилна пресуда за кривични дела за сексуална злоупотреба на малолетни лица и педофилија, во второ читање. За предлог-законот е поднесен еден амандман од пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Ангелинка Петкова, за допрецизирање на рокот, кој се однесува на надлежниот орган за водење на посебниот регистар, а е предвиден да се изнесува најмалку еднаш годишно, во кој ќе се врши проверка и усогласување на внесените податоци со податоците на Министерството за внатрешни работи и Министерството за правда и доколку постојат неусогласености, веднаш ќе се преземаат мерки за нивно отстранување.
Како што се посочува во образложението за предлог-законот објавено на собраниската веб-страница, со овие измени се одредуваат институциите кои се непосредно одговорни за примената на законот и постапките во делот на доставување на потребните податоци што треба да бидат внесени во регистарот што го води ЈУ Завод за социјални дејности. Се потенцира дека се направени и измени што се резултат на практичната примена на законот и на потребата од надминување на проблемите што се појавија при неговата досегашна примена.
- Предложените измени и дополнувања на Законот за посебен регистар за лицата осудени со правосилна пресуда за кривични дела за сексуална злоупотреба на малолетни лица и педофилија ги содржат следниве решенија: Усогласување на одредбите на овој закон со Законот за изменувањето и дополнувањето на Кривичниот законик („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 36/23) во делот на Глава деветнаесет: „Кривични дела против половата слобода и половиот морал“. Определување на институциите и постапката за доставување на податоците што треба да бидат внесени во регистарот за лицата осудени со правосилна пресуда за кривични дела за сексуална злоупотреба на малолетни лица и педофилија. Усогласување со одредбите на Законот за изменувањето и дополнувањето на Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.121/24), се посочува во образложението за предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за посебен регистар за лицата осудени со правосилна пресуда за кривични дела за сексуална злоупотреба на малолетни лица и педофилија. фф/са/
Фото: МИА Архива