• вторник, 02 јули 2024

Нацрт-извештај за 2021 на АВМУ: Платеното политичко рекламирање не обезбедува фер услови за сите партии

Нацрт-извештај за 2021 на АВМУ: Платеното политичко рекламирање не обезбедува фер услови за сите партии
Скопје, 18 март 2022 (МИА) – Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, на денешната 11-та седница, едногласно го усвои Нацрт-годишниот извештајот за работата на АВМУ за 2021 година, изрече две јавни опомени за два медиуми, одобри спроведување на постапка за јавна набавка за одржување на софтвер на системот за мониторирање на радио и ТВ сервиси и надзор на ОЈЕКМ и го усвои записникот од претходната 10-та седница. Нацрт-годишниот извештајот за работата на АВМУ за 2021 треба да биде доставен до Собранието најдоцна до 31 март. Претседателот на АВМУ Зоран Трајчевски истакна дека една од нивните најзначајни активности минатата година била мониторингот на радиодифузерите за време на локалните избори. - Во текот на 2021 се извршени повеќе 200 надзори, кои во извештајот се подредени според месецот во којшто се спроведени. Да се обезбеди поголема транспарентност на сопственоста на радиодифузерите, покрај што редовно се ажурираше веб-страницата, изработена е и објавена анализа на медиумската сопственост. Оваа година профункционира и Регистарот на вистински сопственици, при што несовпаѓање имаше само кај една локална радиостаница. Во 2021 година, АВМУ донесе 10 одлуки за да се одобри промена на сопственичката структура, беа иницирани две постапки за утврдување на недозволена медиумска концентрација, информира Трајчевски. Тој посочи дека во 2021 година АВМУ била активна во настани поврзани со медиумската писменост, како и за родовите прашања. Претседателот на Советот на Агенцијата Лазо Петрушевски го опиша извештајот како детален и квалитетен. - За мониторингот на локалните избори 2021 година, во извештајот стои дека нема прекршување од ниту еден радиодифузер. Ова е многу позитивно. Она што е негативно се измените на изборната регулатива во делот за платена политичка програма непосредно или во текот на изборниот процес. Знам дека ова е надлежност на Собранието. Но, мој став е дека Собранието не треба тоа да го прави. Трета констатација е дека реално, платеното политичко рекламирање не обезбедува еднакви и фер услови за пристап до медиумите на сите учесници туку ги фаворизира четирите најголеми партии. Тоа е негативно и би требало партиите да смогнат сили и да го сменат Изборниот законик, истакна Петрушевски. Во поглед на медиумската писменост, Петрушевски посочи дека секоја година има континуирани позитивни резултати. Значителни резултати има и во поглед на слободата на изразување, смета тој. Заменик на претседателот на Советот на Агенцијата Селвер Ајдини рече дека по извештајот се гледа дека АВМУ работела со полн капацитет. Членот на Советот Зоран Фидановски истакна дека се согласува со констатацијата на Петрушевски и Ајдини дека извештајот е детално и квалитетно изработен и рече дека ќе даде поддршка за негово усвојување. Тој посочи дека е добро што се работи на медиумската писменост, која треба, како што рече, „да биде одомаќинет во секое семејство во државата“. - Ќе ја земам како пример војната во Украина, и на светско ниво, се води битка да се неутрализира пропагандата. Честопати сме констатирале дека „во војна вистината загинува прва“, контрадикторните информации ќе ги имаме на претек, рече Фидановски. Нацрт- годишниот извештај за работата на АВМУ за 2021 година, најдоцна за 10 дена треба да биде усвоен од Советот во својата финална верзија, а потоа, најдоцна до 31 март треба да биде доставен до Собранието. Советот на Агенцијата изрече јавна опомена за операторот АЛТРА – САТ од Охрид за прекршување на член 141 од ЗААВМУ. Овој радиодифузер реемитува четири програмски сервиси за кои нема издадено АВМУ потврда за регистрација. Јавна опомена и за ТВ ДУЕ за прекршување на член 14 од Законот за медиуми. Станува збор за неисполнување на обврската за објавување импресум за четири емисии. ир/дма/

Остани поврзан