• понеделник, 23 декември 2024

Наследството главна тема на годинашните „Денови на Јустинијан Први"

Наследството главна тема на годинашните „Денови на Јустинијан Први
Скопје, 10 ноември 2022 (МИА) - Наследството е главната тема на која се фокусира годинашното 10. издание на Меѓународниот научен симпозиум за византиски и средновековни студии „Денови на Јустинијан Први" што почна денеска, а ќе трае до недела. Овој симпозиум е годишен научен форум за презентација на најновите истражувања за различни аспекти на византолошките и средновековните студии, што го вклучува третманот и интерпретацијата на културното, историското и духовното наследство во современа Европа. Посветен е на императорот Јустинијан I и има за цел да опфати широк спектар на истражувачки прашања во функција на реконструирање на културното и историското наследство, како интегративна компонента на различностите и заедништвото на обединета Европа. Претседателот на меѓународниот организациски и научен комитет Митко Б. Панов, во своето обраќање на денешното отворање рече дека изминативе години симпозиумот „Деновите на Јустинијан Први“ успешно е етаблиран во препознатлив научен тренд. Како што информираше, годинава „Деновите на Јустинијан Први“ обединуваат професори и истражувачи од 22 земји, кои во претстојните три дена ќе ги презентираат своите најнови истражувања на тема наследство на византиската и средновековната Европа. Според Панов, и покрај предизвиците на глобалната пандемија, војните, злоупотребите на историјата и наследството, преку овој симпозиум успешно се градат научно културните мостови на соработка. -Со наследството на Јустинијан Први традиционално ги поврзуваме Инситутот на национална историја на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, со Универзитетот во Болоња и ги поврзуваме Република Македонија со Италија, градејќи научен и креативен амбиент за вмрежување на професори и истражувачи на Универзитети и институции ширум светот. Со учество на над 500 учесници од повеќе од 30 земји низ светот, со публикувани девет зборници во кои се содржани повеќе од 400 научни трудови, ја потврдува успешноста на академската мисија на „Деновите на Јустинијан Први“, рече Панов. Професорот Панов по обраќањето на симпозиумот го промовираше и Зборникот на трудови од минатогодишните 9. Денови на Јустинијан Први.

Симпозимот оваа година се реализира со комбинирано физичко и онлајн учество. На осумте сесии, што ќе се реализираат во текот на следните три дена во Музејот на македонската борба, свои реферати ќе имаат 55 еминентни проофесори и научници од Италија, САД, Велика Британија, Германија, Франција, Канада, Русија, Украина, Полска, Чешка, Словачка, Холандија, Шведска, Финска, Австрија, Србија, Грција, Хрватска, Бугарија, Романија, Турција.

-Сеопфатниот тематско-содржински концепт на рефератите, потврдува дека симпозиумот „Денови на Јустинијан I”, прераснува во еден од најпрестижните научни собири од ваков вид во регионот и пошироко. Со тоа „Деновите на Јустинијан I”, ја постигнува клучната цел за промоција на културното и историското наследство на нашата земја, со што  се етаблира како културен и историски бренд, кој ги поврзува и обединува земјите и нациите кои го споделуваат византиското и средновековното наследство, како и научниците од регионот, Европа и ширум светот, рече Панов.

„Денови на Јустинијан I" традиционално е поддржан од Министерството за култура, град Скопје, Италијанската амбасада, Музејот на македонската борба, Македонската Православна црква – Охридска архиепископија и Јустинијана Прва, како и винаријата „Стоби“. бт/бак/

Остани поврзан