• сабота, 23 ноември 2024

Народната банка потпиша меморандум со Клубот Алпбах за унапредување на финансиската писменост

Народната банка потпиша меморандум со Клубот Алпбах за унапредување на финансиската писменост

Скопје, 17 август 2024 (МИА) - Преку градење партнерства и вклучување на сите заинтересирани финансиски институции, асоцијации и граѓански здруженија, Народната банка работи на зајакнување на свеста и унапредување на финансиската едукација на широка основа. За таа цел, во име на Народната банка и Здружението за поттикнување младинска соработка, промовирање мир и стабилност  ̶  Македонска АЛПБАХ заедница, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и застапникот на здружението, Марко Палоски, потпишаа Меморандум за соработка.

Како што стои во соопштенито од кабинетот на гувернерката, со Меморандумот се предвидува Народната банка да организира предавања, обуки и работилници за финансиска едукација за членовите на Здружението, како и за различни целни групи во соработка со Здружението.

-Здружението ќе соработува со централната банка преку предлози за проектни активности во доменот на финансиската едукација, како и преку организација на членовите за следење на едукативните активности и на материјалите. Преку соработката и проектните активности се отвораат нови можности за младите за едукација, проактивност и иновативност, наведуваат од Нардоната банка.

Во 2021 година беше донесена првата национална Стратегија за финансиска едукација и финансиска вклученост, изработена од финансиските регулатори, под водство на Народната банка. Стратегијата дава системска рамка за зајакнување на процесите на финансиската едукација и подигнување на нивото на финансиската писменост на населението. Од големо значење за процесите е зајакнувањето на координацијата и соработката помеѓу финансиските регулатори, приватниот финансиски сектор и граѓанскиот сектор. Соработката значи оптимално користење на ресурсите, постојано вложување напори и зголемена колективна одговорност во однос на поставените цели, наведуваат од Кабинетот на гувернерката Ангеловска - Бежоска. вг/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан