• недела, 17 ноември 2024

Наградени најуспешните основци од националниот конкурс „По вашите стапки чекориме“

Наградени најуспешните основци од националниот конкурс „По вашите стапки чекориме“
Крива Паланка, 23 мај 2022 (МИА) - Во пресрет на утрешниот ден, 24 мај - Ден на сесловенските просветители, браќата Кирил и Методиј, денеска во Европската куќа во Крива Паланка беа доделени наградите за најуспешните творби од националниот конкурс „По вашите стапки чекориме“. Конкурсот го организираше Центарот за култура од Крива Паланка со литературниот клуб „Калин", во соработка со Сојузот на просветни работници. Наградени на конкурсот беа ученици и ученички од основните училишта „Гоце Делчев“ и „Андреј Савевски Ќиќиш“ од Тетово, „Видое Подгорец“ од Колешино, „Христијан Тодоровски Карпош“ од Куманово, „Ѓоргија Пулевски“, „Круме Кепески“ и „Јохан Хајнрих Песталоци" од Скопје и „Јоаким Крчовски“ и „Илинден“ од Крива Паланка. - Не случајно денеска ги доделуваме наградите и ги читаме стиховите посветени на нашите големи просветители браќата Кирил и Методиј, бидејќи по вчерашната канонизација на преподобниот Јоаким Крчовски, нашиот просветител, денешниот датум, 23 мај е денот кога се прославува официјално со одлука на МОЦ- ОА и овој светител и просветител, преродбеник, а од денеска е и официјален празник на градот Крива Паланка, каде што учителствувал, така што, не постои поубава прилика за беседење за јазикот и литературата, изјави координаторот на настанот Ирена Белешковска. Професорката и ментор Лариса Жулина-Митовски, којашто го организираше целокупниот настан, истакна дека најзначајно е што наградените ученици од трите категории се посветени на зачувување на наследството и аманетот за писменоста што ни го оставиле светите браќа Кирил и Методиј. На настанот присуствуваа првонаградените ученици од трите категории, а оние што не беа во можност да дојдат во Крива Паланка, се вклучија онлајн преку ЗУМ платформата. Комисија во посебен состав наставници и професори по македонски јазик и литература ги вреднуваше пристигнатите творби од речиси сите основни училишта во државата, а организаторите најавуваат дека конкурсот ќе продолжи да се организира секоја година во чест на Св. Јоаким Крчовски и светите браќа Кирил и Методиј. Настанот го збогати учеството на училишниот бенд од СОУ „Ѓорче Петров" од Крива Паланка. ид/сп/

Остани поврзан