• сабота, 23 ноември 2024

МФ: Интересот за еврообврзницата поголем за половина милијарда евра од претходната аукција

МФ: Интересот за еврообврзницата поголем за половина милијарда евра од претходната аукција

Скопје, 6 март 2023 (МИА) - Аукцијата за издавање на деветтата еврообврзница што се одржуваше денеска помина успешно, со четири пати повисок интерес од инвеститорите во однос на понудата, соопшти попладнево Министерството за финансии. 

Преку аукцијата се обезбедија 500 милиони евра по купонска камата од 6,96 проценти, додека дополнително 100 милиони евра се обезбедуваат од инструментот за макрофинансиска поддршка на Европската Комисија по каматна стапка од приближно 3 проценти.

Ова, појаснуваат од МФ, значи дека рефинансирањето на еврообврзницата од 2016 година и другите отплати на претходни задолжувања, кои достасуваат и за кои беа наменети овие средства, ќе се изврши според исти каматни трошоци постигнати со претходната аукција.

-Интересот на инвеститорите за деветтата еврообврзница беше над 2 милијарди евра или за половина милијарда евра повисок во однос на  првата аукција, што ја докажа уште еднаш нивната доверба во политиките кои ги води Владата, истакнуваат од Министерството за финансии.

Остатокот од средствата планиран за буџетските потреби за 2023 година се обезбедува преку поволни заеми од меѓународни финансиски институции, односно Меѓународниот монетарен фонд, Светска банка и др., со пониска камата, кои во исто време, според МФ, ќе бидат поддршка за политиките што се спроведуваат, а кои на среден и долг рок ќе придонесат за поголем раст. 

Еврообврзницата требаше да биде издадена минатиот месец, но тоа не се случи поради административни процедури, односно се чекаше потпис од новиот министер за правда.лв/цр/ 

фото МИА Архива

Остани поврзан