• понеделник, 23 декември 2024

МФ апелира да се усвојат измените на Законот за игри на среќа

МФ апелира да се усвојат измените на Законот за игри на среќа
Скопје, 29 септември 2022 (МИА) - Собранието што побрзо да ги усвои измените на Законот за приредување игри на среќа со кои ќе се обезбеди 500 метри оддалеченост на обложувалниците од училиштата, апелираат од Министерството за финансии, на чиј предлог од јуни лани законот е во собраниска процедура и чека расправа во матичната Комисија за финансирање и буџет. - Измените и дополнувањата на Законот за игри на среќа и за забавни игри, кој е подготвен од Министерството за финансии, е повеќе од една година испратен во Собранието на РСМ  и е во собраниска процедура, во прво читање. Односно во јуни 2021 година е испратен во Собранието, а на дневен ред на седница на Комисијата за финансирање и буџет, како матично работно тело, беше ставен на разгледување на 34-тата седница закажана за 9 февруари 2022 година,  на истата не се изгласа ниту дневниот ред. Оттогаш не е закажано ново продолжение на седницата за да може да се разгледа ова  законско решение кое е насочено пред се да ја заштити малолетната популација од стекнување несоодветни навики, велат за МИА од Министерството за финансии. Новото законско решение, како што објаснуваат, предвидува оддалеченост на објектите во кои се приредуваат игри на среќа и забавни игри да биде најмалку 500 метри од образовни институции, подигнување на критериуми и услови за добивање лиценца и значително зголемување на давачките за приредувачите на игри на среќа и забавни игри. Исто така, со цел да се оневозможи лесниот пристап на малолетните лица со Законот се предлага и воведување ограничување на бројот на уплатно-исплатни места на обложувалниците, како и ограничување на бројот на деловните простории на автомат клубовите што се отвораат со една издадена лиценца, како и воведување надомест за секое ново уплатно-исплатно место, односно деловна просторија за автомат клуб. - Оттука, може да  истакнеме, дека апелираме до законодавната власт за побрзо донесување на ова законско решение, но од друга страна апелираме и до приредувачите на игри на среќа и забавни игри да не поднесуваат барање за отварање уплатно-исплатни места на игри на среќа во близина на образовни институции, затоа што со донесувањето на новото законско решение истите ќе треба да се затворат, посочуваат од Министерството за финансии. Од Комисијата за финансирање нема најава за одржувањето на седницата, но посочуваат на тоа дека за Предлог законот, ќе се постапува согласно со собранискиот Деловник, а откако ќе бидат исцрпени двете точки што се на дневен ред на комисиската седница. Претседателот на Комисијата за финансирање и буџет Бојан Стојановски за МИА изјави дека Предлог законот е трета точка на дневен ред на Комисијата. -Согласно со Деловникот на таа Комисија е закажана седница со три точки: Првата е Предлог финансикиот план на Агенцијата за супревизија на осигурувањето, втората се Предлог измените на Законот за ДДВ, а третата Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за игри на среќа. Согласно Деловникот мора да ја испочитуваме листата на пријавени за првата точка, а од вкупно 30 поминат е само еден пријавен. Потоа ќе следи широка дебата за измени на Закон за ДДВ за кои ги немаше потребните консултациии, изјави Стојановски.лв/са/

Остани поврзан