Муцунски на неформален состанок на министрите за надворешни работи на НАТО во Анталија
- Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денес и утре ќе учествува на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО, кој се одржува во Анталија, Република Турција.

Скопје, 14 мај 2025 (МИА) - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, денеска и утре ќе учествува на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО, кој се одржува во Анталија, Република Турција.
Како што соопшти МНРиНТ, во рамки на состанокот, министрите ќе разменат мислења и ставови во однос на подготовките за претстојниот Самит на НАТО во Хаг, актуелните геополитички случувања, безбедносните предизвици и закани, како и идните насоки и приоритети на Алијансата. Посебен акцент ќе биде ставен на продолжување на поддршката за Украина, јакнење на способноста за одвраќање и одбрана, како и на потребата од соодветни буџетски издвојувања за одбраната, како предуслов за ефективна колективна безбедност.
На состанокот министерот Муцунски ќе ги претстави ставовите и придонесот на државата како активен и посветен сојузник во НАТО, во насока на натамошно зајакнување на Алијансата и нејзината подготвеност за соочување со актуелните и идни безбедносни предизвици. На маргините од состанокот, министерот ќе оствари и повеќе неформални средби со негови колеги министри. дма/са/
Фото: МИА архива