• недела, 22 декември 2024

МОН: Наставниот кадар на работа само доколку има неодложни работи

МОН: Наставниот кадар на работа само доколку има неодложни работи
Скопје, 10 март 2020 Согласно заклучоците донесени на 15-та владина седница одржана во текот на денешниот ден, кои се однесуваат на воведување дополнителни мерки во рамки на системот за заштита на јавното здравје поради ризикот од ширење на корона вирусот, Министерството за образование и наука информира образовните установи во земјата - основните и средните училишта, универзитетите и јавните научни установи, вклучително и ученичките и студентските домови добија нови насоки за постапување и истите стапуваат на сила од утре, 11.3.2020 година. Имено, сите образовни установи го прекинуваат воспитно образовниот процес во следните 14 дена. Тоа значи дека учениците и студентите нема да посетуваат настава, а воедно во истиот овој период нема да бидат достапни за користење ниту просториите, односно услугите на државните студентски и ученички домови. Истовремено, дадена е и насока за прекинување на посетата на сите воннаставни активности и други приватни активности кои децата ги извршуваат вон наставата (посета на воспитно-образовни активности, курсеви, дополнителни часови, спортски тренинзи и слично) во наредните 14 дена. Сите вработени во основните и средните училишта се целосно ослободени од работните обврски. Административниот кадар во високообразовните установи, јавните научни установи и во ученичките и студентските домови имаат обврска да бидат на работа, со исклучок на хронично болните, бремените жени и родителите кои имаат деца со навршена возраст до 10 години. Препорака за наставниот кадар на високообразовните и научните установи е да оди на работа само во случаи на неодложни обврски – давање потписи, одржување состаноци и други тековни работи. Во меѓувреме, Министерство за образование и наука во соработка со Бирото за развој на образованието и Центарот за стручно образование и обука, согласно одредбите од Законот за основното образование и Законот за средното образование, ќе подготват план за организирање на наставата за деновите кои нема да се работат. За предлог планот кој ќе подготвиме подетално ќе информираме во следните неколку денови. Исто така, информираме дека и понатаму на сила се препораките дадени на 26.2.2020 а кои се однесуваат на одложување на сите планирани патувања и екскурзии на ученици и студенти во ризични земји и региони посочени од страна на Светската здравствена организација, како и одржување на хигиената во просториите на образовните установи на највисоко ниво. Воедно апелираме и на континуирано следење на сите евентуално нови насоки и препораки кои ќе бидат давани од Светската здравствена организација, Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје и Владата на Република на Северна Македонија. Министерство за образование и наука ___________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан